Беседа во петокот на шестата седмица од Великиот пост, на Инокентиј, Архиепископот Херсонски

post

Ден по ден, седмица по седмица, и еве, помина речиси целата света Четириесетница, иако, од друга страна, поради ненавикнатоста на воздржание и пост, можеби ни изгледаше бесконечна. Постот трае уште една седмица: но тие денови не ѝ припаѓаат на Четириесетницата, туку имаат посебно значење, бивајќи посветени на сеќавањето на страданијата Господови. Тие се како купола и крст на еден храм. Затоа, самата света Црква го задржува нашето внимание на денешниот ден, и повеќе пати ни објавува: „Душекорисно совршувајќи ја Четириесетницата!“. Таа постапува така, за ние, доаѓајќи до крајот на Четириесетницата, да го собереме умот и да разгледаме дали сме ја постигнале целта на светиот пост? Оти, можно е и многу да сме посеале, а ништо да не сме пожнеале; може да се употребат многу лекови, може дури и да се потроши, како што ни кажува Евангелието за крвоточивата жена, и сето богатство на лекари, и да не се биде излечен.

Значи, што се случува сега со нас, т.е. со нашата душа и совест? Чувствуваме ли во себе некаква благотворна промена? Можеме ли со невестата, која е опишана во Песна над песните, да речеме: „Помина зимата, минаа дождовите, заминаа, цветови се гледаат по земјата“ (Пнп 2,11)? Ах, ние сме навикнати, природата којашто нè окружува, да ја нарекуваме неразумна; но, погледнете како серазумно таа ја извршува својата должност и ја извршува својата работа? Само што летното сонце се завртело кон неа, и во истиот момент таа започнува да се соблекува, а до сега и целосно ја соблекла својата тешка, зимска облека. Осветлена и огреана со пролетните зраци, одлучно се измила од зимската нечистотија, и во потполност ја вратила водата која му ја должела на морето, и сега веќе, секој ден, сè повеќе и повеќе од своите недра го изнесува сето она што минатата есен раката на земјоделците им го доверила на полињата и нивите. На светлиот празник, насекаде по земјата ќе се појави нова, празнична облека од зеленило и цветови. Горите и ридовите ќе се препашаат во радост, нов птичји хор ќе ја објави новата песна на радост и благодарење кон Творецот на природата.

Можеме да речеме, браќа мои, дека од самиот почеток на постот и кон нас се приближи духовното сонце, Господ и Спасителот наш: оти, Црквата тогаш не без причина ги објавува апостолските зборови: оти сега спасението ни е близу (Рим 13,11). Што пак, произведе во нас тоа приближување и умножување на светлоста и духовната топлина околу нас? Дали во нас се растопи мразот на бесчувствителното срце? Дали се измивме од гревовните нечистотии – со солзите на верата и покајанието? Дали е подготвена нашата душа, како земјата, да ги изнесе плодовите на љубовта и правдата? Среќавајќи се со денот на Воскресението Господово, можеме ли да речеме дека веќе не сме мртви во духот, и дека ние, по благодатта Божја, имаме барем делче од вечниот живот? Токму за ова и беше предодреден сегашниот пост. Оти, што сакала Црквата [да постигне], наложувајќи ни го? Секако [дека] не сакала да нè запази од употреба на некои јадења, или да ни скрати неколку задоволства. Не, постот требаше да ја заузда нашата сетилност, да ги скроти, а потоа и да ги умртви нашите страсти, да ги очисти нашите мисли и желби, да ни го ослободи духот и совеста, да ја разбуди во нас тагата по Бога и светиот копнеж за небесната татковина, да нè приближи до небото, да го очисти, просвети и освети сето наше битие.

Токму поради тоа Четириесетницата се нарекува душекорисна.

Дали беше таква за нас? Што ние стекнавме од бројните читања, молитви, коленопреклоненија, или попрво, од нашата исповед и причест со светите тајни Христови? Ние не ве мачиме, браќа мои, како некои сурови настојници, поради плодовите на постот, туку како лекари, за ваше добро, сакаме да го привлечеме вашето внимание кон состојбата на вашите срца и души. Оти лесно може да се случи некои, дури и посакувајќи го спасението на својата душа, да не успеале да го искористат великопостниот подвиг. Тоа се случува, на пример, доколку за време на постот сме се ограничувале само на воздржување од храна и пиење, или само на, помалку или повеќе, редовно одење во црква, или на површно исповедување на своите гревови пред свештеникот, или на исправување на неважните недостатоци во нашите животи, тогаш, кога поради нашето спасение е потребно многу повеќе – неопходна е потполна промена на нашите телесни мисли и чувства, севкупно ново раѓање „одозгора“. Доколку некој, бивајќи неразумен, се задржи на оваа посочена неплодна површност на благочестието, нека знае дека [тој], иако наизглед многу што направил, сè уште не направил ништо како што треба, и дека е потребно одново да се труди, и да започне, на еден начин, од почеток. Односно, што да направи? Да се вдлабочи во своето срце и совест, и да се увери дека без осветување одозгора, во коренот на сè што се прави, па дуру и од оние кои се добри, е самољубието, а не светата и вистинска љубов кон Бога и ближниот, и дека сè што израстува од тој корен е нечисто пред очите Божји и недостојно е за Царството небесно. Потребно е да го воочи тоа, и да Го моли Господа Тој самиот да го извади од пламенот на страстите и лошите навики, и Самиот во него да соѕида чисто срце и да му подари скрушен дух – оној дух кој единствен може да биде стекнувалиште на благодатните дарови и живеалиште на Духот Божји во нас.

Но, како да го направам сето тоа, би прашал некој, кога веќе помина светата Четириесетница, и помина најсоодветното време за тоа? Точно, времето на постот е најсоодветно за ова важно дело, но дните на страданијата Господови кои следат, можеме да речеме, се уште посоодветни. Како што на средината на земјината топка, на линијата на рамноденицата, или таканаречениот екватор, сонцето сјае толку силно што за еден ден сè созрева повеќе отколку за недела дена кај нас, истото можеме да го речеме и за дните на страданијата Христови кои настапуваат. Тоа е нашиот духовен екватор: тука се насочени сите зраци на духовното Сонце. Само кога од наша страна не би недостигале солзите на вистинското покајание, во еден час и минута, со нашата душа и срце би можело да се случи она, за што во друго време би било потребно да се чека со недели и месеци.

Значи, нека никој не ја губи надежта! Нека под знамето на верата и крстот се соберат сите кои заостануваат! Нека се вратат на своето место сите бегалци! Пристапот на Голготата е – за сите кои веруваат; за сите кои се каат – проштевањето, за сите кои вистински љубат – животот вечен. Амин.

Оставете коментар

1 Comment on "Беседа во петокот на шестата седмица од Великиот пост, на Инокентиј, Архиепископот Херсонски"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Беседа во петокот на шестата седмица од Великиот пост, … […]

wpDiscuz