Беседа во Неделата на Православието

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Првата недела од Великиот Пост на јазикот на црковниот Устав се нарекува Недела на победата на Православието. Оваа недела се вбројува кон големите празници, и тоа не случајно, затоа што празникот на Неделата на Православието бил востановен во далечниот деветти век, поврзан со еден настан од големо значење. Во 787 година се одржал Седмиот вселенски собор, на кој била осудена иконоборската ерес. Иконоборците ја отфрлале правоверноста на почитувањето на светите икони; оние кои ги почитувале светите икони идолопоклоници, и ги уништувале светињите. И бидејќи царската власт го поддржувала ова еретичко учење, и гонењето на оние кои ги почитувале светите икони било поддржано од власта на византискиот цар. Прогонетите монаси се сокривале во источните области на Царството, особено во Кападокија, каде имало, а и до ден денес има голем број на подземни пештери. И таму, длабоко под земјата, тие ги сокривале црковните блага, светите икони, и пред нив вознесувале горежди молитви.

По милоста Божја, за Црквата опасна ерес на иконоборството била пребродена. Иконоборците биле осудени, и било донесена одлука во првата недела на Великиот пост да се празнува победата над иконоборството, а заедно со тоа и победата над сите ереси кои го потресле животот на Црквата во првото илјадолетие. Голема била надежта на отците од Седмиот вселенски собор, дека никаква ерес и отстапување нема да ја поколебаат православната вера. Имено, во знакот на таа надеж и бил утврден овој празник, кој ние денес го празнуваме.

Сепак следното, второ илјадолетие по Рождеството Христово исто така дало примери на мноштво обиди за делење на Црквата и погрешно толкување на православното вероучење. Тие обиди не запираат ни до ден денес. И току затоа, на денот на Победата на Православието денес не се работи толку за набројување на ересите со кои Црквата се изборила во првото илјадолетие, колку што [самиот ден] е повод за обнување со усрдна молитва за ниту една поделба и отстапување од вистинската вера да не го поколеба единството на Црквата Божја.

Секој православен човек е должен да сфати што лежи во основата на црковните поделби. Обичната претстава за еретикот е синонимна на онаа за разбојникот. Така било и во минатото. Дури и еден од еретичките собори, кој ја одрекувал човечката природа на Синот Божји, влегол во Црковната историја под името „Разбојнички собор“. За верните, еретикот е ист со разбојникот – и во суштина, така и е. Но, меѓу еретиците имало и многу благочестиви, силни во верата, ревносни луѓе. Во самата поделба, зарем тие илјадници верни луѓе би следеле некаков реален разбојник, развратник и грешник? Луѓето следуваат силни водачи, кои умеат да убедуваат, кои можат да покажат личен пример. Најголемиот број еретици биле токму такви силни црковни водачи, кои имаале огромен авторитет меѓу народот.

Доволно е да го спомнеме Ариј. Тој бил проповедник, мудрец, богослов. Неговото име било многу авторитетно во Константинопол. Бранителите на Ариј и неговото учење, влегувале во конфликт едни со други. Историјата ни сведочи за тоа дека пазарните препирки прераснале во физички пресметики, при што голем број луѓе биле подготвени да ги дадат своите животи за Арија.

Прв вселенски собор
Икона на Првиот вселенски собор. Еретикот Ариј е прикажан како погазен и поразен, а торжествува вистинската вера.

Важно е да се спомене и тоа дека, размислувајќи на темата за ереси и поделби, основните еретички движења во историјата биле поврзани со обидите за заштита на Православието, за зачувување на неговата чистота, како и за нудење на верните што појасно поимање на догмите. За Ариј било неопходно приближувањето на сфаќањето за Воплотувањето до менталитетот, знаењето, светогледот на тогашните луѓе. Нему му се чинело дека, доколку говори за Христа како за творевина, таквото учење би било похармонично со Светото Писмо, и прифатено од народот, што би значело и дека верата кај народот би се засилила. Ариј бил воден од добри намери, да ја заштити верата, онаква, каква што си ја претставувал на себе си.

И понатамошните еретички движења се стремеле кон тоа да ја заштитат православната вера и да ја зачуваат нејзината чистота. Така, Нестор верувал, дека Родениот од Дева Марија не е Бог, ами човек, Кој постепено се возвисил до Божествената висина. Тој говорел и учел така убедувачки, што до ден денес постојат негови следбеници. За нас, православните кои живееме во Русија, неговото име ни е познато од учебниците по историја; никому не му паѓа на ум несториевата ерес. Но се случи јас да појдам во Ирак пред оваа страшна војна, и да се сретнам со тамошните христијани. И таму дознав дека мнозинството христијани во Ирак го почитуваат Нестора. Кога се возев со такси од аеродромот, на мое зачудување, стапив во богословски спор со возачот, кој ја бранеше неправилноста на зборот „Богомајка“ во однос на Дева Марија, исто, како што своевремено упатувал Нестор во далечниот петти век. Веројатно, доколку неговите зборови не биле уверливи, а животот му бил гревовен, луѓето не би го следеле Нестора.

И ваквите примери можат да продолжат. До ден денес постојат христијани кои не ја признаваат човечката природа на Господ Исус Христос, и веруваат единствено дека Тој има Божествена природа. И меѓу нив има и благочестиви, подвижници, монаси, богослови.

Тогаш, што е ереста? Како може да ја разликуваме неа од допуштеното разномислие во Црквата? Како да го разликуваме еретикот од ревносниот православен христијанин, кој посакува да ја заштити и сочува чистотата на својата вера? Постои само еден начин. Секоја ерес раѓа раскол, а каде има раскол, таму нема љубов. Тоа ние добро го знаеме и од нашите животи. Семејствата се распаѓаат: сопружниците се раведуваат, децата бегаат од родителите тогаш, кога од семејството исчезнува љубовта. И колку и да кажува еден од сопружниците добри и убави зборови, таму, каде што нема љубов – нема чист однос и нема единство. Истото следува и во Црквата. Ако се сретнеме со некој човек, кој нè убедува дека се бори за чистотата на Православието, но во неговите очи гори опасниот оган на гневот, и насекаде гледа еретици, тој е спремен да појде на бој и да ја раздели Црквата, тој е спремен да ја поколеба основната на црковното битие, како би го заштитил Православието. Кога некој човек е предводник на некое еретичко учење, ние во него не наоѓаме љубов, а наоѓаме толку гнев, тоа е првиот предзнак на тоа дека волк се прикрал во овча кожа – слично на Ариј, Нестор и многу други, кои силно проповедале, немале љубов во своите срца, и биле готови заради својата „праведност“ да воведат раскол во црковниот живот.

Единството е таму каде што е љубовта, а каде што е љубовта – таму е и Бог. И доколку некому му дојдат мисли да каже нешто за вероисповедањето што ја менува традицијата на Светите Отци и Вселенските и благочестиви собори, таквиот човек е должен да подразмисли поради што, и во име на какви цели тој го предложува ова или она ново учење. Доколку од устата на таквиот човек се излеваат потоци од клевети, кои ја сквернат Црквата и нејзините свештенослужители, доколку слушаме силни повици на борба и разделби, за спасение на Православието до смртм кога ние го слушаме таквиот возглас и таков слоган како „Православие или смрт“ – треба нужно да внимаваме од таквите проповедници.

Никогаш Господ не рекол: „Моето учење или смрт“. Ниту еден од апостолите не велел: „Православие или смрт“. Затоа што Православието е вечен живот, тоа е радост во Духот свет, тоа е радост животна; смртта е гнилеж, таа е резултат од гревопадот и ѓаволското дејствување. Меѓу нас, од време на време, се појавуваат лажни учители кои го повторуваат тој опасен, гревовен и противречен слоган: „Православие или смрт“. Во очите на тие луѓе нема да најдете љубов, таму гори демонскиот оган на гордоста, стремеж кон власт, кон разрушување на црковното единство. Во нивната надворешност може да се забележи побожен изглед, да бидат покриени со благочестив облик, и да уживаат почит од определен број луѓе.

Она што го кажавме во врска со ересите, важи и во врска со секоја друга поделба. Понекогаш во нашите парохии се јавуваат поделби меѓу духовниците и лаиците. Неретко тие поделби се поврзани со борба за некакво првенство, за некаква власт во парохијата. Знаеме и дека понекогаш, парохјаните се делат и се групираат околу еден или друг свештеник. Почитувањето на еден или друг пастир, љубовта кон нив – тоа е добро, но поделби во име на љубовта – тоа е гревовно, затоа што, таму каде што е љубовта, таму не може да има поделби.

Ние сме должни да го сочуваме не само единството на вселенското Православие од било какви ереси и расколи, и не само нашата Помесна Црква, Црква на маченици кои со својата крв ја зачуваа да биде една и неделлива, како своите очи. Ние сме должни да го сочуваме и единството на нашите парохии и манастири, помнејќи дека најважниот критериум за оценување на дејанијата на секој христијанин – од Патријархот до обичниот верник – е љубовта. Ако е тука љубовта – тука е Христос! Ако љубовта не е тука – ниту Христос не е тука!

Нека Господ ни помогне на сите нам да го зачуваме единството на нашата Црква, да го чуваме како своите очи, поучувајќи се од страшните и опасни примери од минатото, и во исто време, да бидеме вдахновени од подвизите на Светите Отци од седумте Вселенски и благочестиви собори кои го чуваа, одбранија и одржаа единството на Црквата Христова, кои во основата на црковниот живот го утврдија единствениот од Бога определен закон – законот на љубова, преку кого се спасуваме. Амин.

Патријарх Московски и на цела Русија, г.г. Кирил

Оставете коментар

1 Comment on "Беседа во Неделата на Православието"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Беседа во Неделата на Православието […]

wpDiscuz