Беседа на празникот на осветувањето на храмот на св. вмч. Георгиј во Киев

Киев

Се собравме денес да го прекршиме1 Лебот на животот – Лебот небесен, да ја земеме Чашата на спасението2, за на тој начин да Го познаеме Животодавецот Бог, за на тој начин да почнат да горат срцата наши, како некогаш на оние на патот за Емаус3.

Денес Светата Црква си спомнува за осветувањето на храмот на светиот Георгиј Победоносец во Киев. Дозволете ми, иако накратко, да се осврнам на двоедното значење на овој свет ден.

Гледано историски, ова осветување коешто се случило пред неполни илјада години4, е плод на благоговејната традиција родена во новопросветлената руска земја. Традиција, според која руските престолонаследници издигнувале храмови во чест на светителот чиешто име го добивале при крштението. Така, рамноапостолниот принц Владимир, примајќи го името Василиј при крштението, изградил два храма посветени на светиот Василиј Велики во Киев; кнезот Изјаслав Први, покрстен со името на солунскиот чудотворец Димитриј Мироточив, изградил црква во чест на овој велик Христов воин; а великиот кнез Јарослав Мудриот, кој во книгата на Животот е запишан5 со победоносното име на великомаченикот Георгиј, ги поставил темелите на црквата и манастирот посветени токму на овој чудотворец.

Возљубени во Господа,

Денес, од оваа историска дистанца, со право можеме да си го поставиме прашањето – во што се состои величието на осветувањето на овој храм, што дури му е посветено едно вакво празнување, кога знаеме дека секој ден во светот се осветуваат многу нови храмови? Одговорот, повторно, го добиваме од историјата – која нѐ учи дека ова е првото осветување на руски храм, совршено од раката на руски митрополит, светиот Иларион, за разлика од дотогашната пракса, инородни митрополити поставени на Киевската Катедра да раководат со словото на Христовата вистина.

Ова е првиот празник впишан во минеите на Црквата на новопросветлениот руски народ, сидро фрлено на новото Небо, возвишено над новата Земја.

Градењето на храмови во коишто ќе се слави верата во Триединиот Бог, е богоугодно дело што заслужува пофалба во овој, но и во векот што доаѓа. Но, вистински светото градење на храмови започнува внатре во нас, во соградувањето на свештениот олтар на нашето срце.

Затоа, апостолот и ден денес нѐ прашува: „Не знаете ли дека сте вие храм Божји, и Духот Божји живее во вас?“6, потсетувајќи нѐ дека „Севишниот не живее во ракотворни храмови“7.

Со градењето на храмови, но уште повеќе со нашето вградување во нив, ќе може да Го препознаеме Христа како наш, а Тој нас како Негови.

Во раната Црква, во видението кое што му било дадено на светиот апостол Ерма, Христос ја разгледува градбата на Црквата, и од неа ги отстранува сите камења кои не ѝ одговараат: кои се преголеми, премали, извалкани, неизбрусени, црни и празни.

Предавајќи ги во опитните раце на Пастирот, им дава уште една можност да добијат удел во градбата на Црквата. Дел од нив, по обработката, се вклопуваат и го наоѓаат своето место, но дел од нив ја заслужуваат осудата и биваат фрлени далеку од Кулата8.

Ние сме камењата во рацете на Пастирот; да се погрижиме да ја обработиме земјата на нашето срце, да ја изораме нивата на нашиот ум, да ги очистиме дамките од нашето тело, за на тој начин како вистински неракотворни храмови, во нас да засветли светлината на богопознанието и Божјата љубов преку бескрвно и чисто служење.

Денес, кога чекориме кон зимската Пасха, кон светото Рождество Христово, да се запрашаме дали достојно се приготвуваме за оваа свештена средба што нѐ очекува, пред која и серафимите ги кријат своите очи9? Да се запрашаме, постиме ли, и тоа не само телесно, туку уште повеќе и духовно, станувајќи верни храмови Божји?

Храна не јадеме, но дали ближниот свој го јадеме, роптајќи пред љубовта Божја?

Даваме ли плодови на покајание, или заедно со неплодната смоква заслужуваме осудување10? Да се погрижиме и да побрзаме, макар во единаесеттиот час да поработиме на лозјето на добриот Домаќин11, Кој праведникот го љуби, а грешникот го милува. Да ревнуваме, според мерката на растот Христов, зашто „царството небесно насила се зема, и силните го грабаат“12.

За образец на нашиот подвиг, секогаш да го имаме светиот великомаченик Георгиј, чијшто спомен е вечножив меѓу нашиот македонски народ. Овој млад трибун, чијшто татко исто така, беше Христов маченик, го презре овој свет и сето тоа што светот му го нудеше, и го избра патот на животот, Христа, Кој е Пат, Вистина и Живот13. За неговата вера и ревност Христос обилно го награди, творејќи чуда преку него уште за време на неговиот живот: мртви воскреснувајќи, заблудени обраќајќи, незнабожци покрстувајќи14.

Да се покаеме добро, да се отрезниме од безумието и злото, трудејќи се во акскетско-литургискиот живот на Црквата, во слава на Единиот Бог Отец, и Синот Негов Единороден, и Духот Свет. Амин.

За многу години празникот!

1 Дела 20, 7
2 Пс. 115, 4
3 Лк. 24, 32
4 Историчарите го лоцираат настанот некаде помеѓу 1051 и 1054 година
5 Отк. 3, 5
6 1Кор. 3,16
7 Дела 7, 48
8 Пастир LXXXIV, 2
9 Ис. 6, 2
10 Мт. 21, 19
11 Мт. 20, 9
12 Мт. 11, 12
13 Јн. 14, 6
14 Од житието на светиот великомаченик Георгиј Победоносец

Митрополит кумановско-осоговски г. д-р Јосиф

Беседа изречена на зимскиот празник на св. Георгиј, 2013 лето Господово

Извор: Кумановско-осоговска епархија

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz