Светот на сумошедшите

Гергесинска област

Денешново Свето Евангелие е моќна проповед и сведочење за тоа дека домаќин и господар на светот е творецот на светов, воплотеното Слово Божје, богочовекот Христос. Бидејќи е господар на светот и векот, на луѓето и на сите созданија, тој има моќ и власт да им заповеда на демоните, тие соблазниви битија на небитието, чија сила е смртоносна. По негова заповед сенишниот татко на смртта, сатаната, го напушта освоениот духовен простор на човечката личност. Но, во врска со тоа, да си спомнеме за содржината на денешното свето евангелие.

Христос дојде во земјата гергесинска. Таму сретна двајца бесомачни, кои живееја на градските гробишта. По патот што проаѓаше крај гробиштaта, граѓаните немаа смелост да поминуваат. Сумошедшите беа опасни по нивните животи. Христос го направи тоа што жителите на градот не смееја. Бесомачните започнаа дијалог со Христос: „Што имаш со нас ти, Исусе, Сине Божји? Зар си дошол тука предвреме да нè мачиш? Дозволи ни да отидеме во свињите“. Христос им заповеда: „Отидете!“. Демоните ги оставија сумошедшите и се вселија во крдото свињи. Свињите, пак, откако ги примија во себе легионите демонски, бесомачно се вдадоа по стрмнината и се исподавија во езерото. Двајцата сумошедши беа излечени. Духовното здравје им се врати. Мирот и спокојството повторно загосподарија со нивната внатрешност, но и со земјата гергесинска.

Сепак, се случи нешто неочекувано. Граѓаните излегоа во пресрет на Христа. Го видоа, но без зборови на благодарност поради чудесното излекување на бесомачните, преплашени од чудото, го молеа да ја напушти нивната област. Тоа докажува, мили мои, дека е вистина оти ниту еден проблем не ќе биде вистински поставен ако се заобиколи бестрашноста и ризикот што предизвикува трпки на умот, душата и срцето. Човекот е неодгатливо, загадочно битие. Во доброто вознесен до Бога, во злото стрмоглавен до ѓаволот. Обоготворен како homo homini deus, и одемонет како homo homini lupus. Во природата на човекот е вградена една брутална противречност. Возљубени! Во синтагмата: „Бог не постои, не постои бесмртност, не постојат демони“ – човекот се јавува како автохтон носител на вечноста, а неговата вечност претставува базична креативна енергија на философијата за светот и животот. Името на таа сила е – ѓавол. Затоа, возљубени мои, прецизна е констатацијата дека живееме во свет драстично опеколен, демонизиран. Духот демонски го согледуваме подеднакво и во личниот и во општествениот живот. Демонската енергија мистериозно се разлева по целото битие на човекот и незабележено, како крлеж, се прилепува за ткивото на душата. Својствата на душата постепено ги освојува. Потем, несвесно, човекот ја чувствува демонската сила како дел од себе и како содржина на своето самопознание. Во мислите, чувствата и креативниот живот на човекот, демонските сили учествуваат тивко и незабележено, без да бидат препознаени како туѓи и насилнички. Демонот би бил бескрајно глупав кога на луѓето би им се јавувал онака како што му се јавува Мефистофел на Фауст, со грмење и врева. Позната ни е предисконската лукавост и фасцинантната рационалност на ѓаволот и на светот од него граден. Жители на неговиот свет се бесчислените варијанти на духовни вазали, лакеи и јаничари. Спаси нè, Господи, и огради нè од застрашувачкиот пандемониум, од одвратноста и гордоста на нагрденото физичко-метафизичко чудовиште – ѓаволот! Неговиот убиствен дух го препознаваме во прочитаното евангелие. Уште еднаш заклучуваме дека само верноста наша спрема богочовекот и спрема Црквата негова и подготвеноста наша да живееме и да умреме за Христа – можат да нè спасат. Зашто, оној што ќе умре заради Христа, умира за живот вечен. Да не ја повториме грешката на луѓето што живеат без Христа и надвор од Христа. Таквите живеат за вечна смрт. Не дај Боже да се вброиме во тој дел од човештвото.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

1 Comment on "Светот на сумошедшите"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Од Здружението за заштита на правата на свињите „Барби Кју“ остро реагираат и велат дека се згрозени од постапката на Назареецот: „Не знаеме кое зло ќе беше поголемо – тоа свињите да беа изедени од Гергесинците, или пак, тоа што денес се случи – нивното давење во водите“. […]

wpDiscuz