Белешки од еден муабет

Драма

1. Што е со смртта? Многу верници низ разговор ми доловиле колку ги интересира смртта. Многу „како“, „што“, „со кого“, „каде“… Какво ќе биде искуство, што нѐ очекува, дали лишеноста од телото ни дозволува да се радуваме и да учествуваме во несоздадените Божји енергии… Како ќе им биде, пак, на луѓето кои нема да искусат смрт, оние од последните времиња? Мене, пак, ме интересира животот. Овде и сега, како да живеам и како да умирам?

2. Вера. Зошто луѓето ја сметаат слепата вера за доблест? За мене, нешто како слепа вера е оксиморон (=остроумна глупост), што дури и да постои, треба да се бега од него. Напротив, апостолската вера одекнува во зборовите на Филип, „Дојди и види“, во сомнежот на Тома и Петар и Натанаил.

3. Главата. Од сите животни, главата е украс кој е најприлежен на телото човечко. Сите други членови на животинското царство се возглавени, но сепак телото е нивен главен украс: крилјата на пеперутката, перјата на паунот, ригите на зебрата, шарите на змијата. Кај човека бива обратно. Главата е неговиот украс. Затоа што тој ја возглавува сета природа, од Бога создадена. Него пак, (Адама), го возглавува Христос.

4. Пеењето. Отците велат: „Кој пее, сугубо се моли“. Човечкото литургиско пеење е свештен дар – од Бога на човекот, и за Бога, од човекот. И животните пеат. Бесловесно. А човекот пее словесно. Кога Му пее на Бога, надсловесно.

5. Чудно. За животот најмногу ме поучуваше смртта. Што е радост ми објаснија тие што плачеа. За девственоста слушав од оние кои во блуд живеат, а за смирението – од беседите на несмирените. На послушност се принудував немо гледајќи ги непослушните. Луксузот го замразив покрај богатите, а верата ја стекнував другарувајќи со неверните. Од Господа е тоа и чудно е во очите наши.

запишал Милан Јаковчевски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz