За авва Илија

Авва Илија, пастир, ни го раскажа следново:

„Едно време живеев во една пештера во јорданската област, затоа што богослужбено не заедничарев со авва Макариј, епископот Ерусалимски. Еден ден, околу пладне, додека жегата беше пресилна, некој затропа на вратата од мојата пештера. Излегов, и пред себе здогледав жена. Ѝ реков:

– Што бараш тука?

– Господине, авво, јас живеам ист испоснички живот како и ти. Се наоѓам недалеку од тебе, во една мала пештера.

Тогаш со раката ми покажа кон југ, и продолжи:

– Одејќи низ оваа пустина многу ожеднев; те молам, стори ми добро, дај ми малку вода.

Ѝ го изнесов садот со вода, и ѝ дадов да пие. Кога замина, ѓаволот започна да ми внесува различни помисли поврзани со неа во главата, воведувајќи ме во искушение. Бидејќи не можев да се победам себеси, а не можев ни да го задржувам огнот на телесната страст, го зедов стапот, излегов од пештерата и по горештината од која и каменот се печеше, тргнав да ја најдам (жената) со намера да ѝ угодам на својата телесна желба. Поминувајќи двесте метри, и покрај тоа што горев од телесна желба, се најдов во екстаза и видов како земјата се отвори и ме голтна. Пред мене се движеа мртвите проскапани тела кои смрдеа толку одвратно, што никој не може да замисли. Таму видов и еден достоинствен дечко кој ми рече:

„Еве, ова е жена, а ова е маж. Угоди ѝ на својата желба колку што сакаш, но знај дека за едно такво уживање ќе ги изгубиш сите твои претходни подвизи. Види поради кој грев се лишуваш од Царството Небесно. О, тешко на родот човечки! Зарем за еден момент уживање сакаш да ја изгубиш својата награда?“

Од таа силна смрдеа паднав на земја. Тогаш дечкото ми пристапи, ме крена, и почувствував како ме напушта телесната борба.

Исполнет со благодарност кон Бога, се вратив во својата келија.

Лимонар

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz