Господи, добро ни е да бидеме овде

preobrazenie

На Таворската Гора, Христос им откри на своите ученици една небесна тајна. Живеејќи меѓу нив, им говореше за Царството и Неговото второ и славно пришествие, но за да изгони од нивните срца било каков сомнеж за Царството, и за да ја утврди нивната вера во она што претстои, а им го има најавено, на гората Тавор им подари и прекрасно видение на Неговата слава, предвкус на Царството Небесно. Како да им беше рекол: „Како што ќе минува времето, ќе бидете во опасност да ја изгубите верата. За да ве сочувам од ова, сега ви кажувам дека некои од вас кои сега ме слушаат нема да вкусат смрт додека не го видат Синот Човечки како доаѓа во славата на Неговиот Отец“.

Уште повеќе, за да нè убеди дека Христос може да владее со силите кога и да посака, евангелистот продолжува: „А по шест дни ги зеде ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами; и се пребрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.“ (Мт. 17, 1-3).

Ова се божјите чуда што ги славиме денес; ова е спасителното откровение кое ни се даде на Гората; ова е празнувањето Христово што нè собра тука. Да го чуеме, тогаш, светиот глас Божји кој толку несовладливо нè повикува од височините, од врвот на Гората, за заедно со избраните Господови ученици да навлеземе во длабокото значење на овие свети тајни, отаде нашата моќ на изразување. Христос чекори пред нас, за да ни го покаже патот кон Гората и кон Небесата, и – храбро говорам – нам сега ни останува да Го следиме упорно, копнеејќи по небесните виденија кои ќе ни подарат дел во Неговиот сјај, ќе ја обноват нашата духовна природа, и ќе нè преобразат во Неговиот лик, дарувајќи ни го Неговото подобие и возведувајќи нè кон такви височини за какви што сè уште не сме ни сонувале.

Да потрчаме храбро и радосно, да влеземе во облакот како Мојсеја и Илија, или како Јакова и Јована. Нека нè обземе божествената визија, како Петра, и нека бидеме преобразени од тоа славно Преображение. Нека се повлечеме од светот, нека се оддалечиме од земјата, нека се издигнеме над телото, нека се одврземе од созданието и нека се свртиме кон Создателот, Кому Петар во занес Му довика: „Господи, добро ни е да бидеме овде“.

Навистина ни е добро да бидеме овде, како што рече, Петар. Добро е да се биде со Исуса и секогаш да се остане овде. Каква поголема среќа или повисока чест би можеле да имаме, од онаа да бидеме со Бога, да сме создадени како Него, и да живееме во Неговата светлина?

Затоа, бидејќи секој еден од нас Го има Бога во своето срце, и бива преобразуван во Неговиот Божествен лик, и ние треба радосно да воскликнеме: „Добро ни е да бидеме овде – овде, каде сета твар свети со божествена светлина, кадешто има радување и веселење и восхитување; каде нема ништо во нашите срца освен спокојство, ведрина и мир; каде Бог се гледа“.

Оти тука, во нашите срца, Христос пребива заедно со Отецот, велејќи како што влегува: „Денес дојде спасението во овој дом“. Со Христа, нашите срца ги добиваат сите блага на Неговите вечни благослови, а онаму кадешто тие за нас се чуваат во Него, како во огледало ги гледаме првите плодови и полнотата на светот што доаѓа.

Св. Атанасиј Синаит

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz