Апостолски чтенија на Вечерната за Петровден

Вход. Прокимен на денот. И чтенија:

Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нè прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас, кои Божјата сила преку верата ве запазила за спасение, приготвено да се открие во последно време. Затоа радувајте се, макар сега да сте малку во скрб – ако е потребно -, во разни искушенија, та вашата вера испитана, да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос, Кого Го сакате, иако не сте Го виделе, и во Кого верувајќи сега, а не гледајќи Го, се радувате со неискажлива и прославена радост, примајќи го крајот на вашата вера – спасението на душите.
1Птр. 1, 3-9

Поради тоа, возљубени, притегнувајќи ги бедрата на умот свој, бидејќи бодри, наполно надевајте се дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исуса Христа. Како послушни чеда, не постапувајте според поранешните наши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете светци во сите ваши постапки. Оти е напишано: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.’” Иако Го наречувате Отец Оној, Кој не гледајќи кој е кој, секому му суди според делата, затоа поминувајте го времето на својот живот во страв, знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос.
1Птр. 1, 13-19

Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата, имајќи помеѓу себе добри односи среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата. И така, покорувајте се на секое човечко началство, поради Господа: било на цар, како на врховна власт, било на намесници, како негови пратеници за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците! Оти, таква е волјата Божја, – со добротворство да го задржуваме незнаењето на безумните луѓе, како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покрив за злобата, туку – како слуги Божји. Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од +Бога бојте се, царот почитувајте го! Слуги, покорувајте се на господарите свои, не само на добрите и кротките, туку и на лошите! Оти тоа Му е угодно на Бога, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат поради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога. Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки: Он не прави грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама; кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди. Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: „преку Неговата рана се исцеливте”.
1Птр. 2,11-24

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz