Човекот до мене – ближен или туѓинец?

Љубете се еден со друг, како што Јас ве возљубив вас… Овие слова допираат до нашето срце, ја радуваат нашата душа, а и покрај нивното остварување, овоплотувањето ни се чини тежок подвиг.

Можеме да зборуваме за различни видови на љубов. Има едноставен, вообичаен опит на љубовта, кога членовите на едно семејство меѓусебно се љубат, кога таткото и мајката ги љубат своите деца, кога децата возвраќаат на таа љубов, кога љубовта, радосна и светла, ги соединува младоженецот и невестата. Ваквата љубов, која се јавува како радост и светлина, ја надминува сета темнина на вообичаениот живот. Сепак, и таа е кршлива и несовршена.

Веројатно знаете како родителите ги љубат нивните деца, и колку се децата беспомошни да одговорат на таа љубов. Oдговaраaт на моменти – но не постојано. Вие знаете како меѓу брат и сестра постои основна љубов, но таа нив нецелосно ги опфаќа. И затоа, да се зборува за тоа дека една таква едноставна, природна човекова љубов претставува исполнување на заповедта Христова, да се зборува дека таа претставува остварување на Царството Божјо на земјата, е сè уште невозможно.

Тогаш, за што зборуваме ние? Христос нам ни говори дека сме должни да се љубиме еден со друг – Тој не прави никаква поделба. Што сака со тоа да ни каже?

Христос, ми се чини, сака да ни каже дека ние сме должни, за секој човек што го среќаваме, познат или непознат, туѓинец, привлечен или не, да имаме на ум дека тој човек има вечна судбина. Овој човек Бог го привел од небитие во битие, за да го изврши Својот неповторлив придонес во животот на човековиот род. Овој човек, нам како на луѓе може да не ни се допадне, може да ни биде туѓ, може да ни биде неразбирлив – но тој бил од Бога повикан во овој свет, за Бог да направи нешто (преку него) што ние не сме во состојба да направиме во овој свет, .

Дури и повеќе од тоа: тој е ставен на мојот животен пат, за да ми открие нешто. Најпрво, би ми ја открил мојата неспособност да гледам на секој човек како на икона. Умееме ли ние еден на друг така да гледаме? – Се плашам дека не умееме. Се плашам дека ги делиме луѓето на ближни, драги и, во најдобар случај, на туѓинци.

А, на тие „туѓинци“ треба да им обрнеме особено внимание, зашто тие ни го поставуваат прашањето: Ти со Христа си или без Него? Затоа што тој човек, кого Христос го возљубил до крстна смрт, ти не сакаш да го познаеш. Тој е за тебе туѓинец, неразбирлив, тебе не ти е грижа за него; кога тој не би бил на светов, тебе би ти било толку лесно и добро. Зарем тоа е христијанска љубов?

Ние сме должни да се навикнеме за секој човек кој го среќаваме да велиме: Тој е икона Христова, тој е образ Божји, овој човек е пратеник Божји. Тој е испратен, за да ме научи на нешто, за нешто да ми открие, за да ми постави прашање, за да ме приведе кон Бога. Некогаш умееме да го правиме ова одредено време; но некогаш не го правиме сè до моментот кога е веќе предоцна.

Си спомнувам за разговорот со еден руски свештеник, борец во Белата армија, којшто сите години на својот живот поминат во прогонство ги посветил на борбата против болшевизмот, којшто со целатасета своја душа го отфрлал Сталин. Во еден момент, дознал дека Сталин е мртов. И во истиот тој момент, со него се случило нешто неочекувано. Имено, тој си помислил: „а што ако Бог му суди на Сталин, онака како што јас му судев и како што сè уште не можам да престанам да му судам?! Го мразев. Кога Сталин ќе застане пред Него, нема ли Бог да се сретне со омраза и отфрлање, и тоа не на некое време, туку за вечноста?!“

И се сеќавам, ми кажа дека се соочил со таков ужас за себе си, што се втурнал во олтарот, се фрлил на колена, и извикал: „Господи, прости за омразата, која ја имав кон тој човек! Тој сега се наоѓа пред Страшниот Суд; Господи не ја примај мојата осуда против него…“.

Тоа е веќе крајност; во таква состојба никој од нас не е, и да не даде Бог некој да се најде. Но, кој знае? Колку луѓе постојат, кои ние не ги љубиме, не ги прифаќаме, туку ги отфрламе, иако не до таа мера…

Ете, да помислиме и со каков вид на љубов љубиме. Љубиме ли ние со онаква љубов со каква што децата ги љубат своите родители; со каква што невестата и младоженецот се љубат меѓусебно; со љубовта на неразделните пријатели кои никогаш не се соочиле со болка и одрекување? Или пак, љубиме онака како што љубат луѓето, окружени со туѓинци, за кои ближен не постои, кои својот ближен го сакаат сè додека тој не им навлегува во животот, кого тие го отфрлаат штом им се најде на патот…

Доколку можеме вака да мислиме за било кого (а уверен сум дека можеме да мислиме за многу луѓе околу нас), тогаш ние сè уште не сме разбрале што значат Христовите зборови: „Љубете се еден со друг, како што Јас ве возљубив вас“. Тој го возљуби секој еден од нас, не поради нашите добродетели, не поради нашата убавина, не поради нашата добрина, туку поради тоа што нам ни е толку потребна љубовта, за да можеме да постанеме луѓе, за да дојдеме при себе, за да можеме да постанеме нова твар, за да започнеме да живееме…

И ете, погледнете се еден со друг, макар и во оваа црква, макар и помеѓу вашите познати, и поставете си го прашањето: го љубам ли јас овој човек со таква љубов? Ако не, тогаш јас сè уште не сум започнал да љубам со љубовта Христова. И колку е тоа страшно! Колку е страшно кога ќе помислам дека кога ќе застанам пред Бога, околу мене ќе има луѓе, кои сум ги познавал целиот живот, и за кои ќе речам: „овие луѓе овде – ниту сум ги љубел, ниту сакам да ги познавам. Јас сакам да влезам во Твојот рај, Господи, а таму место за нив нема, како што за нив место нема ниту во моево срце на земјава!“

Да размислиме, дека заповедта Христова: љубете се еден со друг, како што Јас ве возљубив вас – не е едноставна заповед; таа од нас бара да направиме огромен пресврт во нашиот живот. Да размислиме. Да размислиме дури и за човекот, кој до нас сега седи: тој е мој ближен или обичен туѓинец? Тој постои ли за мене или не постои? А ако постои, во која мера? И како?

Да размислиме за тоа. Затоа што, порано или подоцна ние ќе застанеме пред Христа, Кој ќе ни рече: „Јас за овој човек дојдов во светот, Јас за овој човек умрев на крст. И ако него го отфрлаш, тоа ти само Мојот подвиг на љубов го отфрлаш; ти си туѓинец за мене, поради твојот сопствен избор“. Амин.

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

1 Comment on "Човекот до мене – ближен или туѓинец?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Љубовта покрива многу гревови…

wpDiscuz