За смртта – свест за сегашноста

Смртта е мерило на нашиот одност кон животот. Луѓето кои се плашат од смртта се плашат од животот. Не може човек кој се плаши од смртта, да не се плаши од животот со сета негова комплексност и опасност. Значи, решението на прашањето со смртта не е непотребно. Ако се плашиме од смртта, никогаш нема да бидеме подготвени да преземеме големи предизвици; животот ќе го поминеме кукавички, претпазливо и плашливо. Само ако можеме да се соочиме со смртта, да ја разбереме, да ѝ го одредиме местото, а и нашето во однос на неа, само тогаш ќе можеме да живееме бестрашно и во полнотата на нашите способности. Најчесто чекаме до крајот на нашиот живот за да се соочиме со смртта, и најчесто тоа значи дека кога би се соочиле порано нашиот живот би бил поинаков.

Постои светоотечко кажување, кое се повторува низ вековите, дека треба да се сеќаваме на смртта низ целиот наш живот. Но ако ваквото кажување му се повторува на современиот човек, кој страда од плашливост и недостиг на вера и опит, што преовладува во нашево време, тој ќе помисли дека е повикан да живее во сенката на смртта, во матна состојба, бивајќи постојано прогонуван од стравот дека смртта се приближува и дека нема смисла тој да живее. Доколку тој постојано и длабоко се сеќава на смртта, таа ќе се претвори во меч кој виси над неговата глава, спречувајќи го задоволството од животот и исполнувањето на него. Таквиот пристап на ова кажување мора да се отфрли. Потребно е да го разбереме сеќавањето на смртта во неговото полно значење: како продолжување на животот, не како негово намалување.

Најчесто живееме како да правиме план за животот кој ќе го живееме подоцна. Нашиот начин на живеење не е точно одреден, туку привремено, како да се подготвуваме за денот кога ќе почнеме вистински да живееме. Наликуваме на луѓе кои пишуваат груб нацрт со намера подоцна да направат слична копија. Проблемот е што никогаш не стигнуваме да ја напишеме крајната верзија. Смртта доаѓа пред да имаме време или дури и пред да се појави желба за да направиме крајна формулација. Секогаш мислиме дека тоа може да го направиме утре. „Денес ќе живеам просечно. Утре ќе дејствувам точно и јасно. Не е добро, знам, но ми треба време. Ќе ги доведам работите во ред на некој начин, или пак тие самите ќе се средат.“ А знаеме дека времето всушност никогаш и не доаѓа.

Сеќавај се на смртта“ – не е повик да живееме со чувство на терор во постојано сеќавање дека смртта ќе дојде и дека ќе исчезнеме потполно со сите работи за кои сме се бореле низ животот. Поправо значи: „Биди свесен за фактот дека тоа што го зборуваш, правиш, претрпуваш или добиваш сега може да биде последниот настан или последното искуство во твојот сегашен живот“. Во ваквиот случај, тогаш тоа ќе биде крунисување, а не пораз. Кога само би сфатиле дека секој пат кога сме соочени со некоја личност, тоа може да е последниот миг од неговиот или нашиот живот, би биле понапрегнати, многу повнимателни на зборовите кои ги кажуваме или работите кои ги правиме.

Има една руска приказна за деца, во која на еден мудар човек му се поставени три прашања: Кој е најважниот момент во животот? Која е најважната постапка во животот? Која е најважната личност? Како и во сите приказни, тој ги бара одговорите насекаде, но не успева да најде ниту еден.

Најпосле, среќава мала селанка, која е изненадена дека тој поставува такви прашања. „Најважниот момент во животот е сегашниот. Тој е единствениот што го имаме, бидејќи минатиот го нема, а идниот сè уште не пристигнал. Најважната постапка е да ги правиме правите работи. А најважната личност во животот е онаа која е со тебе во моментот и со која можеш да постапиш на правилен или погрешен начин.“ Токму ова значи да се сеќаваме на смртта.

Вредноста на сегашниот момент може да ја сфатиме кога некој наш многу драг човек боледува од тешка болест или кога сме свесни дека тој/таа може да умре веќе следниот момент. Само тогаш ја гледаме значајноста на секој потег, секоја постапка, и разбираме колку мала е разликата помеѓу оние работи кои вообичаено ги сметаме за големи во животот и оние кои [навистина] се големи. Начинот на којшто зборуваме, начинот на којшто го подготвуваме послужавникот со чај, начинот на којшто го подместуваме неудобното перниче станува исто толку важно како и најголемите работи што сме ги направиле. Затоа што, најскромната постапка, наједноставниот збор, може да биде завршница на цел еден однос, изразувајќи ја до совршенство сета длабочина на тој однос, сета љубов, грижа и вистина кои лежат во него.

Кога само би ја воочиле итноста на секој момент при сеќавањето дека може да биде последен, нашиот живот длабински би се сменил. Празните зборови кои Евангелието ги осудува (Матеј 12,36), сите тие постапки и изјави кои се безначајни, нејасни или деструктивни – за сите нив нема да има место. Нашите зборови и постапки би биле измерени пред да бидат изговорени или направени, за да би можеле да бидат врвно достигнување во животот и да ја изразат совршеноста на една врска. Само сеќавањето за смртта му дава на животот непосредност и длабочина, го оживува животот, го прави толку напрегнат што неговата полнота е собрана во сегашниот момент. Токму таков е начинот на кој аскетите се бореле против несвесноста, недостигот на внимание и безгрижност, против сите ставови кои ни дозволуваат да го пропуштиме моментот или можноста, да ја одминеме личноста, да не ја забележиме потребата.

Една од најглавните работи на кои сме повикани е да се научиме на свест – свест за самите себеси и за состојбата на другиот, свест дека ќе застанеме на тестот на животот и смртта. Сиот живот во секој момент е крајна постапка.

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz