Антихрист, последни времиња, теории на заговор

Коринт

Во нашите тешки и мачни времиња постои мала група на луѓе со метафизички барања. Некои го наоѓаат Бога од мака. Обично човек го наоѓа она што го бара и што му е угодно. Тој не сака многу-многу да се труди и да се заморува. Тој се задоволува со брзи и лесни решенија. Затоа, често пати неговата религиозност е заснована на формални обврски, без никаква вредност. Понекогаш, човекот се вовлекува во замките на учителите, кои, пак, употребувајќи го човечкиот божествен копнеж, му нудат спасителни, радосни, релаксирачки работи и работи за кои не е потребно многу труд.
Во ова барање лежи и интензивна демонологија, антихристологија и есхатологија, која за жал има погрешни основи. Преувеличувањата, определувањето датуми за крај на светот, предвидувањата за раѓањето на Антихристот и др., влеваат страв и ужас во душите на христијаните – а тие тоа не го барале и не го очекувале. Некои зборуваат повеќе за Антихристот отколку за Христос. Нивната опсесија е толкување на времињата.

Луѓето ја оставија борбата со страстите и стекнувањето на божествените добродетели, и манијакално, по цели денови се занимаваат со фантазии, стравови, суеверија, евентуални магии, што им ги направиле, или со некој заговор. Тие заборавија на духовната корист на молитвата, добродетелноста, покајанието, светотаинскиот црковен живот, а наместо тоа, се занимаваат со субјективни објаснувања и теории на заговор. Таквиот однос оддалечува од суштината, од основата и од радоста на духовниот живот и го водат човека до демонски и мрачен лавиринт. Кажуваќи го ова, не тврдам дека ништо не се случува. Јас не алудирам на болна заспаност, мрзеливост, ладнокрвност и опуштеност. Напротив, по секоја цена е потребна бодрост, трезвеност, духовна внимателност, смелост против сè профано, невистинито и нечесно. Слободата на човечката личност е нешто многу значајно и треба да се заштитува секаде, секогаш и „по секоја цена“. Нашата грижа треба да ја насочиме кон тоа што е суштинско, актуелно и вистинско.

За жал, многу луѓе се плашат да ја погледнат вистината и својата внатрешна разголеност. Затоа сакаат да се занимаваат со тоа што не вклучува лична цена, лична вредност и труд. Луѓето денеска се плашат да не не можат да ја наполнат својата лажица и уста, зашто нема да има што да јадат. Собираат храна за тешките денови што доаѓаат. Но, зарем тие немаат рок на траење? Па, тогаш, со каква радост ќе ги јадат, гледајќи ги околу себе нивните браќа како умираат од глад? Зарем нив Христос не ги научил на молитвата Оче наш? За нив таму не се вели дај ни го денес? Од големо значење е да видиме каде се канализира борбеноста на нашите христијани.

Ние сме осудени од нашите избори. Одговорни сме за нашите избори. Задолжително е неопходна подготовка, знаење, опит, просветување и совет. Повторно ќе кажам: потребно е искрено покајание на сите, здраво преобраќање, промена на умот, на начинот на животот, ново мислење, други приоритети, различни и возвишени цели, осмислен живот. Но, не треба постојано да живееме со сомнежи, фантазии, преувеличувања, замислувања, крајности и поделби. Стравот, ужасот, паниката и спротивствувањето кон другите не е правилен начин да духовен живот.

Живееме ли во последните времиња, настапија ли знаците на времето, го става ли Антихристот својот печат, дојде ли крајот на светот – Божји сме и Божјото ќе биде! Древниот светител Силуан вели: „И небото и земјата да се спојат, јас не се плашам!“. Христос им дава на верниците бестрашност, надеж, несмутност, оптимизам и радост. Поразот, песимизмот и безпоредокот никогаш не им приличат на христијаните!

Архимандрит Мојсеј Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz