Александрискиот Патријарх Теодор II ракопроизведе ѓакониси

На празникот на св. великомаченик Теодор Тирон (17 февруари 2017 год.), кога Неговата Светост, Папа и Патријарх на Александрија и цела Африка го празнува својот именден, во црквата на св. Никола во мисионерскиот центар во Колвези во Конго била отслужена празнична архиерејска Литургија. Како што пренесува официјалната страница на Патријаршијата, при крајот на Литургијата Патријархот ја ракопроизведе катихетката Теано, една од првите членки на мисијата, во „ѓакониса на мисиите“, а врз три други монахињи и две катихетки прочитал молитва за „воведување во црковна служба“. Ваквата одлука е согласна со прифатениот став на Александриската Црква од редовното заседание во ноември 2016 год., а со цел новоракопроизведените ѓакониси да ги помогнат мисионерските напори на Митрополијата, особено во Таинствата на Крштение на возрасни жени и Венчание, како и во катихетските оддели на помесната Црква.

Конзервативните кругови на Православната Црква во повторното воспоставување на ѓакониската служба гледаат тројански коњ преку кој, според нив, на мала врата се воведува женското свештенство под притисок на феминистичките кругови. Од друга страна, историски гледано, на Црквата не ѝ е непозната ѓакониската служба. Напротив, Црквата празнува барем три свети ѓакониси: Фива, Татјана и Олимпија. Св. Јован Златоуст го поддржувал ѓакониството и поставувал ѓакониси. Познато е дека св. Николај Јапонски, уште од почетокот на неговата мисија во Јапонија посветил ѓакониси, како и св. Нектариј Егински. Во Грција, пак, со одлука од 2004., е воспоставен редот на ѓаконисите. Важно е да се напомене и дека историски гледано, ѓаконисите немале и немаат самостојна литургиска улога, туку секогаш му помагале на Епископот.

Извор: Александриска Патријаршија

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz