Смисолот на Рождеството Христово

Рождество Христово

Никаде во Евангелието не е забележан точниот датум на раѓањето на нашиот Господ Исус Христос. Не се споменува дури ниту кое во годишно време се случило [Неговото раѓање]. Но, судејќи по тоа што во евангелската приказна се споменуваат пастири кои ноќе ги паселе стадата овци, може да заклучиме дека раѓањето Христово се случило во лето. Тука се јавува прашањето: зошто тогаш, и како се појавил христијанскиот датум на Рождеството – 25 декември [7 јануари]?

Ова прашање не е резултат на чиста љубопитност. Одговарајќи на тоа прашање, ќе дознаеме нешто и за суштината на самата христијанска вера, поточно, за начинот на кој Христијаните го сфаќаат својот однос кон надворешниот свет кој сè уште ништо не знаел за Христа, ниту пак во Него верувал.

Се работи за тоа дека истовремено со ширењето на Христијанството на почетокот од нашата (т.е. христијанската) ера, во грко-римскиот свет подеднакво брзо се ширел и последниот голем пагански култ на сонцето. Во седумдесетите години на III век, римскиот цар Аврелијан го прогласил овој култ за официјална религија на целото Римско Царство. Таа религија го претставувало сонцето како извор на животот, и според тоа, како една виша божествена сила. Како и останатото паганство, така и култот кон сонцето бил религија на обожување на природата и природните, живи сили. Главен празник на религијата на сонцето биле деновите на ткн. зимски солстициј [зимска краткоденица, околу 22 декември, денот кога ноќта е најдолга, а денот најкус], односно последните денови на декември, кога по најголемата оддалеченост на земјата од сонцето, одново започнува приближувањето до сонцето, и заедно со него, повторното доаѓање на топлината и светлоста во природата, т.е. приближувањето на пролетното воскреснување на природата и триумфот на животот над зимското умирање. Луѓето од таа епоха, секако, не ги знаеле астрономските закони на движењето на земјата околу сонцето. За нив, таа победа на светлината над темнината и таквото воскреснување на природата биле навистина божјо чудо. Во средината на тоа чудо стоело сонцето како извор на светлина и извор на живот. И така, култот на сонцето станал последна голема религија на паганскиот свет осуден на исчезнување, а декемврискиот празник на зимската краткоденица претставува последен голем пагански празник. Затоа и токму овој култ бил главен противник и непријател на првите Христијани. Со тој култ првите Христијани воделе одлучна војна.

Римскиот цар Константин – кој отпрво и самиот бил идолопоклоник на култот на сонцето – во почетокот на IV век го примил Христијанството. Со тоа се завршила епохата на тривековното гонење на Христијанството. Христијанската Црква добила можност јавно и непречено да го организира својот живот, да гради цркви и, што е најважно, слободно да ја проповеда својата вера. Според проценките на историчарите, во моментот на константиновото прифаќање на Христијанството, Христијаните сочинувале не повеќе од 10% од севкупното население на Римското Царство, при што тие речиси целосно припаѓале на градското население. Меѓу земјоделците речиси и да немало Христијани. Значи, Црквата одеднаш била принудена да започне масовна проповед за Христа како Спасител, за и преостанатите деведесет проценти од населението на Римското Царство да ги преобрати во Христијанството како нова вера. За и воопшто да може да ѝ пристапи на таа задача, Црквата морала да го победи паганството, и тоа не преку надворешна принуда, туку одвнатре, т.е. не само преку објавување на супериорноста на Христијанството над паганството, туку – пред сè – преку објавување на откриената универзална и спасоносна Вистина во Христијанството.

Главниот метод со кој Црквата се служела за да ги преобрати незнабожците во Христијанство, бил методот на „сублимирање и преобразување“ на самите пагански верувања: Црквата ги „пречистувала“ паганските обичаи и ги исполнувала истите со христијански смисол и содржина. Паганите во декември го празнувале раѓањето на сонцето. И истиот тој дека Христијаните започнале да го празнуваат раѓањето на Исус Христос како вистинско, духовно Сонце, односно како ден на навлегување на вистинската, духовна Светлина во овој свет… Дури и денес, на денот на Рождеството Христово, во главната црковна песна на тој празник (тропар) пееме:

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот
со светлина на знаењето; во неа пак, оние што им служеа
на ѕвездите од ѕвездата се учеa Тебе да Ти се поклонуваат,
Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, Исток на висините,
Господи, Слава Ти.

Како што гледаме, Христијанството ја прифатило идејата за сонцето како извор на светлина и живот: таа идеја, толку карактеристична за релиси сите пагански и предхристијански култури – ја преобразила во откровение на својата вера во Христа. „Вие верувате во сонцето, – му говорела Црквата на паганските свет – но тоа природно и физичко сонце не е ништо друго освен символ, одблесок и орудие на едно друго, повисоко, духовно и божествено Сонце. А единствено во тоа божествено Сонце има вистински Живот, Светлина и Победа. Вие го прославувате раѓањето на физичкото сонце, а ние ве повикуваме да го прославувате доаѓањето во светот на Божественото Сонце – Христос, ве повикуваме да го издигнете вашиот ум од физичкото и видливото сонце кон духовното и невидливо Сонце – Христос“.

На тој начин благденот на Рождеството Христово станал еден вид на исполнување на сето она што паганството го празнувало: Рождеството Христово станало настан и благден на завршеното и исполнето очекување, копнеж и надеж на сите луѓе. На сето она коешто паганскиот човек го вградил во своето поклонување на сонцето – својата вера во смисолот на светот и неговиот светол, осмислен и божествен карактер – Христијанството му дало лично име: Христос.

Така благденот на Рождеството Христос е втемелен како исполнување на сите човекови предчувства и исчекувања, исполнување на сецелата и неуништлива човечка жед за смисол и добро, но – истовремено – и како благден на почетокот на новата светска религиска епоха. Епоха во која ловекот престанал да ја обоготворува природата и слепите сили, и започнал да Му се поклонува на Оној Кој во природата се јавува, но кој е надприроден. Оној Којшто е самиот извор на севкупниот живот, Којшто е содржина и цел на тој живот.

Тоа бил начинот на кој Црквата го победила паганството одвнатре, односно идолопоклонството на тварите, поклонувањето на тварта наместо на Творецот. И така човекот – примајќи ја од Христа „светлината на знаењето“ – бил ослободен од робувањето на светот и природата.

Отец Александар Шмеман

Оставете коментар

1 Comment on "Смисолот на Рождеството Христово"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Смисолот на Рождеството Христово […]

wpDiscuz