Акатист на Божествените Христови страданија

Велики Петок Акатист

Кондак 1

Избран Војводо и Господи на небесата и земјата, додека Тебе, Царот, Бесмртниот, Те гледаше како на Крстот висиш, сета твар се измени, небото се исплаши, темелите на земјата се растресоа: ние, пак, недостојните, принесувајќи благодарно поклонение на Твоето страдание поради нас, со разбојникот Ти извикуваме: Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Икос 1

Дополнувајќи ги хоровите ангелски, не си зел од ангелот, туку поради мене, човекот, Бог суштествен, Човек постана, Кој умре заради гревот, животворното тело и крвта Своја ја оживе, та заради големата љубов Твоја, благодарствено Ти воскликнуваме: Исусе Боже, Љубов предвечна, поради нас земнородните така благоизволи! Исусе, од безмерната милост кај паднатите луѓе долу слегна! Исусе, Кој во плотта наша се облече, со смртта на Својата сила смртта ја разори! Исусе, со страданијата и смртта сиот свет Си го искупил! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 2

Кога Те виде ангелот во Гетсеманската градина како до крвава пот во молитва се подвизуваш, стоејќи пред Тебе Те крепеше. Како тешко бреме нашите гревови Ти натежнаа; Ти пак, пропаднатиот Адам на плеќите подигнувајќи го, кон Отецот Свој ги приклони колената во молитва. Поради тоа со вера и љубов Тебе Ти пееме: Алилуја!

Икос 2

Смисолот за мисленото доброволно Твое страдание Јудеите не го сфатија; поради тоа, кога во ноќта додека те бараа со светилките им кажа „Јас Сум“, макар што и на земјата паднаа, сепак после ова Те врзаа, водејќи Те на суд. Ние, пак, на овој пат поаѓајќи пред Тебе, со љубов Ти извикуваме: Исусе, Светлино на светот, замразен од светот зол! Исусе, Ти Кој живееш во непристапната Светлина, фатен беше од власта на темнината! Исусе, бесмртен Сине Божји, од синот на погибелта за смрт на светот покажан! Исусе, Ти Кој на сите бесплатно им се даваш, за сребреници Си продаден! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 3

Со силата на Божеството Свое Ти на ученикот Си прорекол три пати откажување. А тој пак, иако со заклетва се откажа од Тебе, сепак кога Те виде Тебе, Господ и Учител свој, во домот на првосвештеникот срцето му се потресе, и излегувајќи надвор горко плачеше. Поради тоа погледни и на мене, Господи, и порази го суровото срце мое, со солзи да ги измијам гревовите мои, пеејќи Ти: Алилуја!

Икос 3

Како Архиереј вечен, имајќи власт по чинот Мелхиседеков, Ти, Владиката и Господ на сите, застана пред првосвештеникот Кајафа. Поради тоа, Ти Кој од своите слуги прими мачење, од нас прими го ова: Исусе непроценлив, со цена купен, прими ме во вечното наследство Твое! Исусе, желбо на сите, од Тебе Петар од страв се откажа, но Ти од мене не откажувај се! Исусе, Јагне незлобиво, од лутите ѕверови растргнато, од непријателите мои земи ме! Исусе Архиереју, Кој со Својата крв Си влегол во Светињата на светиите, од телесните нечистотии мене очисти ме. Исусе врзан, Ти власт имаш да врзуваш и разврзуваш, моите тешки согрешенија разврзи ги! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 4

Дишејќи ја бурата на Христоубиството, Евреите слушајќи го гласот на таткото на лагата и вистинскиот човекоубиец – ѓаволот, Те отфрлија Тебе, вистинскиот Пат, Вистина и Живот. А ние, исповедајќи дека Си Ти Христос, Божја Сила, во Кого се сите ризници на премудроста и скриените знаења, Ти воскликнуваме: Алилуја!

Икос 4

Слушајќи ги кротките Твои зборови, Пилат како за смрт достоен Те предаде на распнување, иако самиот сведочеше дека никаква вина нема на Тебе; рацете свои ги изми, но срцето го оскверни. А ние, восхитени од тајната на Твоето доброволно страдание, со умиление Ти воскликнуваме: Исусе, Сине Божји и Син на Дева, од синовите на беззаконието измачен Си! Исусе, исмеан и измачен Си, а убавина даваш на криновите полски и со облаци небото го облекуваш! Исусе, со рани покриен Си, а пет илјади луѓе со пет леба си наситил! Исусе, Цару на сите, наместо љубов и благодарност, Си добил жестоки маки! Исусе, поради нас цел ден ранет си, излечи ги раните на душите наши! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 5

Сиот Си облечен со боготечива Крв, Ти Кој во светлина се облекуваш како со риза. Знам, навистина знам преку пророкот, зошто облеките твои се црвени: јас, Господи, со гревовите Свои Те ранив. Затоа Тебе, поради мене ранетиот, благодарно Ти воскликнувам: Алилуја!

Икос 5

Богоглаголивиот Исаија, кога Те виде во Духот навреден и покриен со рани, се ужасна и извика: Го видовме и немаше ни изглед, ниту убавина. А ние, гледајќи Те на Крстот, со вера и восхит Ти воскликнуваме: Исусе, Ти срам трпиш, а со слава и чест човекот го овенчуваш! Исусе, ангелите на Тебе не можат да гледаат, а по образите Тебе Те тепаат! Исусе, Тебе по главата со трска те тепаат, на смирението на мојата глава погледни! Исусе, светлите очи Твои со крв се замаглени, одврати ги очите мои суета да не гледаат! Исусе, од нога до глава место неповредено немаше на Тебе, целиот неповреден и здрав направи ме! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 6

Пилат ја објави Твојата невиност, на народот изјавувајќи дека ништо што заслужува смрт во Тебе не наоѓа; но како диви ѕверови кога крв здогледуваат, Евреите шкртаа со забите викајќи: „Распни Го, распни Го!“ А ние, твоите рани целивајќи ги, Ти воскликнуваме: Алилуја!

Икос 6

За чудо и изненадување на ангелите и луѓето засветли, кога Пилат рече за Тебе: „Еве Го Човекот!“ Дојдете, поради тоа да се поклониме на Исуса поради нас исмеаниот, повикувајќи: Исусе, Творецу и Судијо на сите, Ти од Твоите созданија суден Си и измачуван! Исусе, на премудроста Дарителу, на безумниот одговор не му даде! Исусе, Лекару на од гревови ранетите, дај ми лек за покајание! Исусе, Пастиру биен, избиј ги бесовите кои ме искушуваат! Исусе, Тебе телото Ти го скршија, со Својот страв скрши го моето срце! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 7

Сакајќи да го избавиш човекот од робување на ѓаволот, Ти, Исусе, Се понизи пред непријателите Твои, и како немо јагне на колење воден си бил, насекаде поднесувајќи рани, за да го исцелиш човекот цел кој Ти воскликнува: Алилуја!

Икос 7

Прекрасно покажа трпение, кога по наредба на неправедниот судија војниците Те исмеваа и лути рани на пречистото Твое тело нанесуваа, со Крв те облија од глава до пети. Поради тоа, ние со солзи Ти повикуваме: Исусе човекољубив, Ти од луѓето со трње овенчан си! Исусе, со Божеството нестрадален, Ти страданија трпиш нас да нè ослободиш од страстите! Исусе, Спасителу мој, спаси ме мене, кој сите маки ги заслужувам! Исусе, од сите напуштен, тврдино моја утврди ме! Исусе, од сите навредуван, радост моја, развесели ме! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 8

Чудесно и необично Ти се јавија Тебе, Мојсеј и Илија на Тавор, зборувајќи за излегувањето Твое кое во Ерусалим сега го извршуваш. И тие, гледајќи ја таму славата Твоја, а овде гледајќи го спасението наше, воскликнаа: Алилуја!

Икос 8

Од Евреите насекаде гонет, поради мноштвото мои гревови Ти исмевање и маки претрпе; бидејќи едни зборуваа дека си противник на ќесарот, други како злочинец Те осудуваа, а некои викаа: „земи, земи, распни Го!“ Тебе Господи, од сите осудениот, на распнување воден, од длабочината на душата Ти повикуваме: Исусе, неправедно осуден Судијо наш, по делата наши не осудувај нè! Исусе, Кој на патот под Крстот Си изнемоштел, Сило мој, не оставај ме во часот на маките и потиштеноста! Исусе, кон Отецот за помош Си повикувал, подвигупомошнику мој, во немоќта моја закрепи ме! Исусе, Кој срам Си примил, од славата Твоја не отфрлај ме! Исусе, образ на пресвелата ипостас на Отецот, преобрази го нечистиот и мрачен живот мој! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 9

Сета природа се вознемири гледајќи Те како на Крстот висиш: сонцето се затресе, завесата во храмот на две се раздели, камењата се распаднаа, пеколот мртвите ги исфрли; а ние на местото каде стоеја пречистите нозе Твои се поклонуваме, пеејќи: Алилуја!

Икос 9

Богоглаголивите мудреци, Човекољупче, колку и да зборуваат не се во состојба достојна благодарност на Твоите божествени страданија да им оддадат. Нашите души и тела, срце и сите состави со умиление ти воскликнуваат: Исусе, на Крстот прикован, приковај и уништи го ракописот со гревовите наши! Исусе, Кој од Крстот на сите раце им шириш, привлечи ме и мене заблудениот! Исусе, врато на овците, прободен во ребрата, со раните Свои воведи ме во дворовите Свои! Исусе, со телото распнат, распни го моето тело со страстите и похотите! Исусе, Ти Кој во маки си завршил, дај му на моето срце за ништо друго да не знае освен за Тебе, распнатиот! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 10

Сакајќи да го спасиш светот, Ти Кој хромите, губавите, немите и глувите ги исцели, и нечистите духови ги изгони; а неразумните Евреи, дишејќи злоба и од завист мачени, на Крст Те приковаа, не знаејќи да пеат: Алилуја!

Икос 10

Исусе, Цару Предвечен, Ти сиот страдаш за мојата невоздржаност, за од сè да ме очистиш, давајќи ни пример по Твоите стапки да одиме, повикуваме: Исусе, љубов неиспитана, бидејќи на оние кои Те распнаа Ти не им го запиша за грев! Исусе, во големо плачење со солзи во градината си се молел, научи нè и ние да се молиме! Исусе, Ти Кој пророштвата за Себе Си ги исполнил, исполни ги на добро срцата наши! Исусте, Ти духот Свој во рацете на Отецот Си го предал, во часот на исходот мој прими го духот мој! Исусе, Ти не Си забранил облеката Твоја да се раздели, одвој ја кротката душа моја од телото! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 11

Умилна молба Ти принесуваше Тебе себеспрекорната мајка Твоја, глаголајќи: иако на Крстот страдаш, сепак знам дека од Отецот роден си пред сите векови, оти гледам како сета твар со Тебе страда; Ти духот Свој на Отецот го предаваш, прими го и духот мој кој Ти пее: Алилуја!

Икос 11

Како светлоносна свеќа себеспрекорната Дева гореше крај Крстот Твој со љубов кон Тебе, со мајчинска тага тагуваше кога Ти, вистинското Сонце на Правдата заоѓаше во гробот. Со неа прими ги и овие молитви од срцата наши: Исусе, на Дрвото Ти Си Се вознел, за нас паднатите да нè вознесеш со Себе кај Отецот Свој! Исусе, Ти на мајката Своја си го подарил девственикот, за да нè научиш на девство и чистота! Исусе, ти ученикот богослов си го предал на онаа, која Тебе, Бога Словото Те роди, предај нè и сите нас на нејзиното мајчинско застапништво! Исусе, на светот и адот Победителу, победи го неверието, горсдоста во животот и похотата на очите кои живеат во нас! Исусе, на смртта власта Си ја разрушил, избави ме од смртта вечна! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 12

Подај ми ја благодатта Твоја, Исусе Боже мој, и мене прими ме како што Си го примил Јосиф со Никодим, за душата моја да ја принесам како чиста плаштаница на Тебе и со мирисот на добродетелите да го помажам Пречистото Тело Твое, и како во гроб да Те имам Тебе во срцето свое, воскликнувајќи: Алилуја!

Икос 12

Опевајќи го Твоето доброволно распнување, на страданијата Твои се поклонуваме, Христе, и со стотникот веруваме дека Си Ти навистина Син Божји и дека со големата сила и слава на облаци ќе дојдеш. Тогаш не посрамувај нè нас, со Твојата крв искупените кои Ти повикуваме: Исусе многустрадален, со плачењето на Дева – мајката Твоја од вечниот плач избави нè! Исусе, од сите оставен, во часот на мојата смрт сам не оставај ме! Исусе, и мене прими ме, кој со Магдалена Твоите нозе ги допирам! Исусе, со предавникот и оние кои Те распнаа не осудувај ме! Исусе, со благоразумниот разбојник во рајот воведи ме! Исусе, Сине Божји, спомни си за нас кога ќе дојдеш во Царството Свое!

Кондак 13

О, Исусе Христе, Јагне Божјо, Кој на Себе ги земаш гревовите на светот, прими ја оваа мала благодарност која со сета душа Ти ја принесуваме, со Твоите спасоносни страданија исцели нè нас од секоја болка, душевна и телесна; со Твојот Крст од видливите и невидливите непријатели огради нè, и при крајот на нашиот живот не оставај нè, за избавени да бидеме од вечната смрт со смртта Твоја, и секогаш кон Тебе да воскликнуваме: Алилуја!

(овој кондак се чита три пати; потоа повторно се чита Икос 1 и Кондак 1)

Прва молитва кон Распнатиот Господ Исус Христос

Исусе Христе, Единороден Сине на Бога Отецот, на Крстот прикован за нас, на милоста, на љубовта и неисцрпната добрина бездна Си Ти. Знам дека по неискажливото човекољубие Свое, си благоизволил на Крстот Својата крв да ја пролиеш поради гревовите мои, за мене бедниот и неблагодарниот, кој со одвратните дела свои досега Те газев и за ништо не Те сметав. Поради тоа, од длабочината на нечистотијата и беззаконието, погледнувајќи со очите на умот на Тебе, Искупителот мој, на Крст Распнатиот, со смирение и вера се нурнувам во длабочината на Твоите страданија и големото милосрдие Твое, просејќи отпуштање на гревовите и исправање на мојот нечист живот. Милостив биди, Господару и Судијо мој; од Твоето лице не отфрлај ме, туку со моќната рака Своја кон Тебе обрати ме, и на патот на вистинското покајание упати ме, за од сега да поставам почеток на моето спасение. Со Божествените страданија Свои скроти ги телесните страсти мои; со лиењето на крвта Своја очисти ја нечистотијата од душата моја; со распнувањето Свое, од светските соблазни и желби распни ме; со Крстот Свој од невидливите непријатели кои ја бараат мојата душа огради ме; со прободените нозе Свои, од секаков лош пат одврати ги нозете мои; со прободените раце Свои, од секое дело кое не е по волјата Твоја сопри ги рацете мои; со прикованото тело, приковај го стравот Твој во телото мое, за засолнувајќи се од злото, пред Тебе добро да творам. Ти, Кој Својата глава на Крстот Си ја приклонил, со смирение кон земјата гордоста моја приклони ја. Со трновиот венец Свој огради ги ушите мои, да не слушаат некорисно нешто. Ти Кој во устата жолчка Си вкусил, стража постави на нечистата уста моја. Тебе, срцето со копје Ти е прободено, во мене изгради срце ново. Со сите рани Свои, за сè слатко рани ме за љубов кон Тебе, за Тебе, Господи мој, да Те засакам со душата своја, сето срце, сета сила и сета мисла. Ти Кој немаш каде глава да засолниш, дај ми Се Себе; Кој ја избавуваш душата моја од смртта, дај ми Се Себе, Благиот. Дај ми Се Себе, Слаткиот, Кој со Својата љубов ме засладуваш во неволјите и напастите, за Оној Кој порано не Го знаев, Го гневев, од себе Го гонев, и на Крстот Го приковав, сега да Го засакам, радосно Го примам и слатко Крстот Негов до крајот на животот свој го носам. О, себлаг Искупителу мој, не давај од сега ниту една желба моја да се исполни, бидејќи е лоша и непотребна, за повторно да не паднам во тешкото ропство гревовно кое царува во мене; нека секогаш во мене се извршува Твојата волја блага која да ме спаси сака; нејзе ѝ се поверувам, пред Тебе, распнатиот Господ мој со духовните очи на срцето мое се претставувам и од дното на душата моја се молам: пред разделувањето од земното тело мое, само Тебе на Крстот Твој да Те гледам, како со рацете Свои ме штитиш, ме примаш, и браниш од воздушните духови на злото, со грешниците кои со покајание Ти угодиле.

Втора молитва кон Распнатиот Господ Исус Христос

Господи Исус Христе, Сине на Бога Живиот, Творецу на небото и земјата, на светот Спасителу, еве јас недостојниот и најгрешниот од сите, смирено ги приклонувам колената на срцето свое пред славата на величеството Твое, му пеам на Крстот и страданијата Твои и благодарност Ти принесувам Тебе, Царот на сите, Бог Кој Си благоизволил како човек да ги поднесеш сите трудови и неволји, напасти и маки, за на сите нас сострадален помошник и во сите жалости, неволји и страданија избавител да Бидеш. Знам, силен Господи, дека сето тоа не Ти е Тебе потребно, но поради човечкото спасение Крст и страдание претрпе, за сите нас од лутото робување на ѓаволот да нè искупиш. Со што да Ти возвратам, Човекољубецу, за сите страданија кои поради мене, бедниот, Си ги поднел? Не знам, бидејќи и душата, и телото, и сите добрини од Тебе се, и сè мое е Твое, и јас сум Твој. Единствено на Твоето безгранично милосрдие надевајќи се, милосрден Господи, на Твоето неискажано долготрпение му пеам, на славната Твоја неискажлива милост, на пречистите страданија Твои се поклонувам и усрдно Твоите рани ги целивам, извикувајќи: помилуј ме мене, грешниот, и направи Крстот Твој свет бесплоден да не биде, за имајќи удел овде, со вера во страданијата Твои, да се удостојам да ја видам славата на Царството Твое на Небесата. Амин!

Оставете коментар

1 Comment on "Акатист на Божествените Христови страданија"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Акатист на Божествените Христови страданија […]

wpDiscuz