Акатист на Св. Јован Шангајски и Санфранциски

Кондак 1

Избран чудотворецу и особен Христов угоднику, ти на целиот свет му излеваш непресушен поток на духовно раководство и множество на прекрасни чудеса; затоа со љубов те фалиме и ти повикуваме: Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Икос 1

Како ангел во тело те објави во последните времиња Создателот на сè, за да се грижиш за земните луѓе помаган од милоста Божја. Гледајќи ја убавината на твоите добродетели, преблажен Јоване, вака ти воскликнуваме:
Радувај се, уште во раното детство се украси со благочестие;
Радувај се, со страв и трепет волјата Божја ја исполнуваше;
Радувај се, објавителу на Божјата благодат преку тајни добри дела;
Радувај се, брз услишителу на оние кои се во неволја;
Радувај се, полн со љубов си итал кон ближните за нивно спасение;
Радувај се, радост на сите кои со вера се поклонуваат пред тебе;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 2

Гледајќи ги твоите добродетели кои обилно се излеваат, светителу славен Јоване, ние духовно се просветуваме; ти како живоносен извор со Божјите чуда нè напојуваш нас, кои верно повикуваме кон Бога: Алилуја!

Икос 2

Имајќи ум полн со љубов и богословие, богомудри Јоване, ти, умудрен со познанието Божјо и украсен со љубов кон страдалните, нè научи да Го познаеме со љубов вистинскиот Бог, та и ние во умиление да ти повикуваме:
Радувај се, на Православната вистина непоколеблива тврдино;
Радувај се, скапоцен саду на Светиот Дух;
Радувај се, на безбожноста и лажните учења праведен изобличителу;
Радувај се, на Божјите заповеди ревносен исполнителу;
Радувај се, подвижнику, кој не си дозволи себе си да се одмориш на легло;
Радувај се, возљубен пастиру на стадото Христово;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 3

Со силата на благодатта Божја, како татко на сирачињата и наставник на младите си се јавил, воспитувајќи ги во стравот Божји и подготвувајќи ги да Му служат на Бога. Затоа, сите твои чеда, угледувајќи се на тебе, во благодарност повикуваат кон Бога: Алилуја!

Икос 3

Навистина треба од небесата песни да ти се воспеваат, а не од земјата, оче Јоване, бидејќи нашите зборови не се доволни во однос на делата твои. Сепак, принесувајќи Му на Бога од она што имаме, вака ти извикуваме:
Радувај се, ги заштитуваше чедата свои со непрестана молитва;
Радувај се, секогаш го бранеше стадото свое со крстниот знак;
Радувај се, твојата љубов не знаеше за разлики меѓу народите;
Радувај се, сесветол светилнику, возљубен од сите;
Рaдувај се, примеру на милосрдие и молитва непрестајна;
Радувај се, подателу на духовна утеха на оние на кои им е потребна;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 4

Оптоварени со бура на опасности, не знаеме како достојно да те пофалиме, блажени Јоване. Си патувал до краиштата на земјата, за да го спасиш твоето стадо и да им го благовестиш Евангелието на оние во темнина. Благодарејќи Му на Бога за апостолските трудови твои, кон Него извикуваме: Алилуја!

Икос 4

И ближните и оние далечните слушнаа за величието на твоите чудеса, кои по милоста Божја се јавуваат до денешно време. Затоа, восхитувајќи Му се на Бога Кој во тебе се прослави, со стравопочит ти повикуваме:
Радувај се, просветителу на оние во темнината на неверието;
Радувај се, ги водеше луѓето твои од далечниот Исток до Западот;
Радувај се, извору на чудеса, кои од Бога се изливаат;
Радувај се, ти кој со љубов заблудените ги вразумуваш;
Радувај се, брз утешителу на оние што за своите гревови се каат;
Радувај се, патеводителу на оние што одат по правиот пат;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 5

Си се покажал како од Бога дарена светлина, што ги запира свирепите бури, о, свети Архиереју, спасувајќи ги со твоите молитви и заштитувајќи ги со крстниот знак жителите на островот Тубабао од смртоносните ветрови. Научи нè и нас кои те повикуваме на помош, о, свет чудотворецу, со смелост да викаме кон Бога: Алилуја!

Икос 5

Сите кои се надеваа на тебе во очајни околности и несреќи најдоа избавување, о смел посреднику пред претстолот Божји. Затоа се надеваме на твоето посредништво пред Бога и ти воскликнуваме:
Радувај се, прогонителу на опасните стихии;
Радувај се, со молитвата твоја нè избавуваш од потреби;
Радувај се, неуморно им даруваш леб на гладните;
Радувај се, на бедните им приготвуваш изобилие;
Радувај се, утешителу на натажените;
Радувај се, брзо исправување на паднатите;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 6

Како нов Мојсеј, кој, иако бавен во зборот проповедаше спасение, си се јавил преблажен Јоване, изведувајќи го својот народ од ропството на безбожните. Избави нè и нас од ропството на гревот и од невидливите непријатели, та и ние со радост да Му воскликнуваме на Бога: Алилуја!

Икос 6

Сјаејќи во праведноста твоја, го направи невозможното, о добар пастиру: ја убеди власта од овој свет да се смилува на твоето стадо. Затоа и ние со нив благодарно ти воскликнуваме:
Радувај се, добар пастиру, кој за твоето заскитано стадо приготви мирно пристаниште;
Радувај се, покажа најголема грижа за децата и болните;
Радувај се, верен помошнику на сите кои ти повикуваат усрдно;
Радувај се, во изобилие се покажа силата Божја во твоето немоќно тело;
Радувај се, ти кој нападите на неправедните ги разурнуваш;
Радувај се, ти кој ги истребуваш лагите и вистината ја објавуваш;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 7

Сакајќи достојно да ги прославиш древните светии на Западот во земјите кои отпаднаа од Вистината, си воспоставил нивно почитување во Православната Црква, о љубителу на светиите од Исток и Запад. Со нив денес на Небесата моли се за нас, кои на Земјата пееме: Алилуја!

Икос 7

Те гледаме како новоизбраник Божји, кој во последните времиња како еден од светителите на древната Галија се јави, поттикнувајќи го стадото твое да ја сочува истата Православна вера што и тие ја исповедаа, восхитувајќи ги народите на Западот со својот свет живот. Сочувај нè да пребиваме во истата вера и ние кои ти воскликнуваме:
Радувај се, во чудата и аскетските подвизи нов Мартине;
Радувај се, во исповедањето на Православната вера нов Германе;
Радувај се, во Божественото Богословие нов Иларие;
Радувај се, во почитувањето и прославувањето на Божјите угодници нов Григорие;
Радувај се, нов Фавсте, во усрдноста монашка;
Радувај се, нов Кесарие, во цврстата љубов кон правилата на Божјата црква;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 8

Чудесна глетка пред тебе се јави: во Новиот Свет, поранешното твое стадо го сретна, натажено од многу тешкотии. Таму беше повикан да претрпиш прогонство и со своето трпение, праведност и поучувања да го водиш стадото. И ја подигна црквата на Мајката Божја, Радост на Сите ожалостени. Восхитувајќи се сега на твоето трпение и смирение, благодарно Му воскликнуваме на Бога: Алилуја!

Икос 8

Целиот давајќи Му се себеси на Христа, о, работнику на Христовото лозје, ти не знаеше за одмор дури до крајот на твојот многустрадален живот; помогни ни нам недостојните, во нашите трудови и во напорите да Му сме верни на Христа, та славејќи те да ти воспеваме:
Радувај се, ти кој до крај претрпи и стекна спасение;
Радувај се, пред иконата на Божјата Мајка да се упокоиш беше удостоен;
Радувај се, среде неправедните гонења, на правдата беше мажествен пазител;
Радувај се, до крај му служеше на своето стадо и се упокои седејќи, како архиереј;
Радувај се, по смртта со чудесното твое враќање стадото го утеши;
Радувај се, со многу чуда ги обдаруваш оние кои со вера и љубов пристапуваат кон твоите мошти;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 9

Целата ангелска природа се зарадува на вознесувањето на твојата душа кон небесните живеалишта, а ние, восхитувајќи им се на твоите чуда на земјата, јавени преку делувањето на Светиот Дух, Му пееме на Бога: Алилуја!

Икос 9

Говорниците не можат со своите красноречиви зборови достојно да го опишат твојот свет живот, о праведен оче Јоване, бидејќи ти си бил живеалиште на благодатта на неискажливиот Бог; ние, пак, не можеме да премолчиме гледајќи го со восхит „чудото јавено во ова наше маловерно време“ и вака те прославуваме:
Радувај се, Божествена палато од која заповедите на Добриот Цар се даваат;
Радувај се, во твоето понизно дејствување ангели со тебе сослужуваа;
Радувај се, ти кој стекна вечно, неракотворно живеалиште на Небесата;
Радувај се, болницо во која секоја болест Божествено се лекува;
Радувај се, ризницо на тајниот молитвен подвиг;
Радувај се, осветен храму на Светиот Дух;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 10

Сакајќи да го спаси светот, Спасителот на сите, ни испрати нов светител и преку него нè повика од мрачната бездна на гревот. Слушајќи го овој повик на покајание, ние, недостојните, на Бога Му повикуваме: Алилуја!

Икос 10

Tврдина си што нè заштитува од несреќи, о, оче Јоване, зашто преку твоето небесно застапништво се избавуваме од нападите на демонските страсти и од несреќите што нè напаѓаат на земјата. Пред твојата силна молитвена поткрепа со вера извикуваме:
Радувај се, со тебе слепите прогледуваат;
Радувај се, со силата на молитвата им даваш живот на оние во смртна постела;
Радувај се, со премудроста Божја збунетите и колебливите ги просветуваш;
Радувај се, спасоносна росо на оние што горат во огнот на жалоста;
Радувај се, возљубен татко на сираците и напуштените;
Радувај се, на трагателите по Вистината свет учителе;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 11

Со мислите, зборовите и делата непрестана химна на Пресветата Троица си И принесувал, преблажен Јоване. Со огромна мудрост ги објасни правилата на вистинската Вера, учејќи нè со вера, надеж и љубов да Му пееме на Единиот Бог во Троица: Алилуја!

Икос 11

Те гледаме како светлоносен светилник на Православието кој на оние во темнината на незнаењето им се јави, добар пастиру на Христовото стадо. Така, и по твоето упокојување, си им ја откривал Вистината на оние кои нè ја познаваат, просветлувајќи ги душите на верните, кои ти повикуваат вака:
Радувај се, со Божествена мудрост ги просветуваш оние што пребиваат во неверие;
Радувај се, божилак на тивка радост си за кротките;
Радувај се, грому за оние, во гревот непопустливите;
Радувај се, молњо што ги согоруваш ересите;
Радувај се, пороен дожду на догматите на Православието;
Радувај се, росо на Богомислието;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 12

Со побожност и благодарност ја примаме благодатта што ти беше дадена од Бога, сефален оче Јоване. Прославувајќи ги чудата на светиот архиереј, кој некогаш меѓу нас чекореше, Му пееме на Бога: Алилуја!

Икос 12

Пеејќи пофалба на Бога, небесниот хор на светиите се радува зашто Господ не го заборави паднатиот и безверен свет, и ја покажа Својата семоќна сила во тебе, кроткиот и смирен слуга. О, блажен Јоване, и ние со сите светии радувајќи се вака те прославуваме:
Радувај се, нова sвездо на праведност што засветли на небото;
Радувај се, нов пророку кој беше пратен пред конечното зацарување на злото;
Радувај се, како Јона сите за цената на гревот ги предупредуваше;
Радувај се, како Крстителот сите на молитва и покајание ги повику-ваше;
Радувај се, како Павле претрпе многу заради Евангелието и проповедањето на верата;
Радувај се, нов апостолу, чии чуда со вера и страв Божји нè исполнуваат;
Радувај се, светителу оче Јоване, брз помошнику во бедите!

Кондак 13

O пресветол и прекрасен угоднику Божји, светителу оче наш Јоване, утехо на сите ожалостени, прими го ова наше молитвено принесување, та со твоите молитви кон Бога од огнената геена да се избавиме и со богопријатното твое застапништво на Бога да се удостоиме да Му пееме во вечни векови: Алилуја!
Овој кондак се кажува трипати,потоа повторно Икос 1 и Кондак1 се повторуваат.

Молитва прва

О, чудесен светителу Јоване, толку си го распространил срцето свое, за да го сместиш мноштвото почитувачи од различни народи и племиња. Погледни на сиромаштвото на нашите зборови, кои, сепак, со љубов ти ги принесуваме, и помогни ни, светителу Божји, да се очистиме од сите нечистотии на телото и духот, трудејќи се за Господа со страв и радувајќи се во Него со трепет. Со што да ти возвратиме за радоста што ја почуствувавме, гледајќи во светиот храм на твоите свети мошти и славејќи го твојот спомен? Навистина, немаме со што да ти возвратиме, освен ако ги промениме нашите животи, станувајќи нови луѓе. Биди застапник на оваа благодат на обновување, светителу Јоване; помогни ни во нашите слабости; излекувај ги нашите болести; излекувај ги нашите страсти со твоите молитви. Ти кој се пресели од овој привремен живот во оној вечниот, во кој те упати Пречистата Владичица, Патеводителка на руската дијаспора, со Својата чудотворна икона Коренокурска, Чиј придружник беше ти на денот на твоето упокојување. Сега се радуваш заедно со хорот на светиите, славејќи Го Единиот во Троица прославен Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Молитва втора

О, светителу оче наш Јоване, добар пастиру и тајновидец на срцата и човечките умови! Сега се молиш пред Божјиот Престол, како што и сам посмртно си рекол: „Иако умрев, сепак сум жив“. Помоли Го семилостивиот Бог да ни дарува прошка на нашите гревови, та вразумувајќи се, да повикаме кон Бога, просејќи да ни се даде дух на смирение, страв Божји и побожност во сите патишта на нашиот живот. И како што милостив наставник на сираците и искусен воспитувач на земјата беше, биди ни сега патеводител и Христово вразумување среде Црковните несогласувања; услиши ги воздишките на збунетата младина од нашето изопачено време, изложено на бурата на злобното беснило, и милостиво погледни на потиштеноста на нашите пастири, кои изнемоштени од нападите на нечестивиот дух на овој свет венеат во мрзелива рамнодушност. Побрзај со молитвата, плачејќи ти повикуваме, о усрден молитвенику; посети нè нас, сираците, расејани по лицето на целата вселена и во нашата татковина, заскитани во темнината на страстите, кои, сепак, преку нашата слаба љубов сме привлечени кон Христовата светлина и ја очекуваме твојата татковска грижа; и така, стекнувајќи побожност, да се јавиме наследници на Царството Божјо, каде што пребиваш ти со сите светии, славејќи Го нашиот Господ Исус Христос, Кому Му прилега чест и власт, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!

Извор: Служба и акатист на св. Јован Шангајски и Санфранциски Чудотворец, СПЕ 2011
Превод: Александар Божиноски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz