Абортусот не е контрацепција

Трет дел од „Планирање семејство или избирање живот“
Претходно: прв дел | втор дел

Бебе

Абортусот (пометнување) е намерно или спонтано прекинување на бременоста со отстранување или исфрлање на ембрионот или фетусот од матката. Абортусот може да настане спонтано или да биде предизвикан. Спонтан абортус претставува губење на ембрионот или фетусот поради случајна траума или природни причини пред 28-та гестациска недела. Намерниот, предизвикан абортус е легален, односно законското прекинување во случај на несакана бременост е дозволено, на лично барање, до 10-та гестациска недела. Староста на бременоста и одредувањето на десетата недела се пресметува според последната менструација. Барањето за абортус се поднесува во соодветна здравствена институција со докази дека бременоста нема поминато десет недели и дека прекинувањето на бременоста нема непосредно да го загрози здравјето на жената.

Доколку бременоста е постара од десет недели, се формира комисија што одлучува дали ќе се дозволи абортусот или не. Прекинување на бременоста постара од десет гестациски недели се дозволува доколку постојат одредени индикации, а тоа се:

1. Медицински – заболувања што би можеле сериозно да го загрозат здравјето и животот на жената. Меѓутоа, нашата Православна Црква нѐ запознава со многубројни жени кои во никој случај не се согласувале со абортусот и покрај своето нарушено здравје, а по цена и на сопствениот живот.
2. Етички и правно – криминогени – бременост што настанала при силување или родосквернавење. Во вакви ситуации треба да се реагира брзо, жената да се испере и да не дојде до оплодување.
3. Еугенични – биолошко-генетски фактори што го оштетуваат плодот, заболувања на мајката во првото тримесечје од рубеола, употреба на тетрациклини, некомпатибилност на крвна група. Но, честопати и покрај болеста може да се родат здрави и живи деца. Значи, доколку би се прифатил абортусот, зарем не би убиле здраво и право дете?
4. Социјални – лоша материјална состојба, поголем број деца, вонбрачна бременост.

Црквата, а особено свештенството, треба да внимава на ваквите жени и семејства од ранлива категорија, и несебично да се вложува и помага на кој било начин, па дури и материјално. Но, исто така, и државата има голема улога во спречувањето на ова зло. Неблагодарно е да се каже дека кај нас и Црквата и државата не водат никаква грижа. Можеби тоа не е доволно, но за поздравување се неколкуте мерки преземени од страна на државата во изминативе години.

Како прво, абортусот повеќе не смее да се извршува рутински од страна на лекарите, односно претходно тие мораат да разговараат со мајката и ако има можност, да ја разубедат, разјаснувајќи ѝ за убавината на мајчинството, но и за страшните последици од абортусот. Е, сега, колку ова е во пракса кај нашите лекари и дали има некакви промени кај нив во самиот пристап со идната мајка, дали и колку и самите тие разбрале дека секоја нивна интервенција е и нивен личен грев (како соучесници во убиство), и уште поголем доколку не се потрудиле во објаснувањето за тоа – ќе ни
покаже времето и некои нови истражувања во врска со оваа проблематика.

Втората работа е субвенцијата за трето дете, што е навистина мал придонес, но од голема помош за зголеменото семејство. Можеби би требало во иднина да се размислува и за некои нови мерки, методи и кампањи кои би помогнале за намалување на абортусот, а за зголемување на семејствата. На пример, убаво би било законски да се забрани абортусот; да се зголеми времетраењето на породилното боледување; да има можност мајката да си го чува своето дете и повеќе од траењето на самото боледување доколку има услови за тоа, без да го изгуби работното место и да зема, на пример, 50% помалку од платата; би можело, исто така, да се забранат и абортивните контрацептивни средства итн.

Начинот на изведување на абортусот зависи од периодот на бременоста. Прекинувањето на бременоста се изведува така што бремената се подготвува како и за сите други акушерски операции. Прекинувањето на бременоста се врши со киретажа или вакуум-аспирација. Кога бременоста е до 6-та гестациска недела, прекинувањето се врши со метод на аспирација (или вшмукување) на матката без дилатација (раширување) на цервикалниот канал, а доколку се работи за поодмината бременост, тогаш со соодветна дилатација на цервикалниот канал прекинувањето се врши со метод на аспирација или со метод на евакуација и киретажа.

Според Хаскеловиот редослед, постапката на дилатација и евакуација започнува со „растегнување и со уште поголемо растегнување“. Грлото на матката се растегнува со механички растегнувачи, кои се оставаат да преноќат. Операцијата се врши третиот ден. Лекарот ја кине мембраната и ја исушува амниотичната течност. Тогаш помошникот на лекарот поставува преносник на ултразвук на мајчиниот стомак и го одредува местото на нозете и стапалата на детето. Лекарот користи подолги хируршки ножици за да ја извлече едната нога на бебето. Тој грубо го влече детето, принудувајќи го да дојде во положба со стапалата надолу. Го продолжува извлекувањето додека не ја извлече ногата на бебето во каналот за раѓање. Потоа, користејќи ги рацете наместо ножици, лекарот го вади телото на бебето на сличен начин при породување. Се вади и другата нога на бебето, потоа трупот, рамењата и рацете. Главата обично останува во матката; премногу е голема за да помине преку грлото на матката.

Лекарот тогаш го презема следниот чекор (кој Хаскел го нарекува „ослободување од главата на плодот“). Користејќи тапо превртени хируршки ножици во затворена положба, тој ја пробива главата на детето во подножјето на черепот. Потоа насила ги отвора ножиците, зголемувајќи ја исеченицата. Отстранувајќи ги ножиците, лекарот вметнува катетар за вшмукување во исеченицата и со вакуум го извлекува мозочното ткиво на детето. Со шмукалката, која сѐ уште е на тоа место, лекарот тогаш го извлекува мртвото тело на бебето, ја вади постелката со ножици и ја струже внатрешноста на матката со остра кирета, а потоа користи кирета за вшмукување со поширок отвор.

Киретажа претставува акушерска техника при која со кирета се раскинува и извлекува плодот дел по дел. Се изведува со локална или општа анестезија, во стерилни услови, со стерилни инструменти (сонда, дилататори според Hagаr, кирети, вакуум-канили), во соодветна здравствена установа. Кога бременоста е постара од три месеци, прекинувањето се врши оперативно (со царски рез) или со провокација на контракции на матката. Прекинувањето на поодмината бременост, пак, се врши со вбризгување на хипертоничен раствор на NaCl (натриум хлорид) во амнионската шуплина.
Начинот на изведување на абортусот не би го коментирале, само би сакале секој што ќе го прочита овој текст, сам да размисли и да си направи слика на една ваква интервенција.

продолжува

о. Григориј Јакимов
презвитера д-р Александра Јакимова

Извор: списание „Премин“, двоброј 115/116

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz