Биоетика: Абортус

Абортусот, инаку познат на човекот уште од најстарите времиња, сè уште е еден од главните проблеми со кои се соочува православната биоетика. Според статистичките податоци, секоја година илјадници жени во православните земји вршат абортус, и тоа во далеку поголем број од жените во западните земји. Иако абортусот во Библијата не е отворено осуден, јасно е дека се работи за чин кој е е отворено спротивен на Божјата волја, Кој не само што го создава животот, туку и го промислува истиот и се грижи за него.

Во Стариот Завет се наведуваат многу сведоштва за Божјата промисла за неродените деца (Пс. 70,6; Пс. 21,11; Пс. 139,13-16). Во определени околности, детето „уште од мајчината утроба“ се повикува на „пророчка служба“ (Исаија 29,1; Еремиј 1,5). Забраната за убивање, која е една од Десетте заповеди, во Новиот Завет е дополнета со заповедта да го љубиме сите луѓе, па дури и своите непријатели. Покрај тоа, во состојба сме прецизно и самоуверено да кажеме дека намерното прекинување на животот на ембрионот е спротивно на духот на Новиот Завет, затоа што во ниту еден случај абортусот не може да се смета за љубовен чин. Џин Брек, на пример, го поставува следното прашање: „Постојат ли поблиски и понезаштитени ближни, од неродените деца?“.

Црковните Отци едногласно го осудуваат абортусот како убиство. На почетокот Помесните собори, а потоа и Петтиот и Шестиот вселенски собор во Константинопол го изедначиле абортусот со убиство и за тој чин наложиле епитимија која се состои во десетгодишно одлачување од Светата Причест. Тука би требало да забележиме дека оваа епитимија всушност и не е толку строга, имајќи го в предвид изедначувањето на абортусот со убиството. Сепак, денес ваквата епитимија многу ретко се применува. Ваквата попустливост кон жената која извршила абортус се објаснува со пастирската грижа на Црквата која сака да им помогне на христијаните да станат свесни за својот грев, исктерно да се покајат, и повторно да ѝ пристапат на Светата Тајна Причест. Ваквиот поглед е согласен со христијанската етика, која прави јасна разлика меѓу чинот – кој, како грев, е спротивен на Божјата волја и е подложен на осуда, – и грешникот, кој е секогаш опкружен со разбирање и љубов. Црквата не сака да определува епитимија која ќе биде согласна со гревот, туку сака да ѝ помогне на жената да се покае.

Од морален аспект, абортусот најчесто се обидуваат да го обравдаат на два начина – или преку нагласување на правата на жената, или пак, преку негирањето на личносната вредност на ембрионот. Во првиот случај, се нагласува важноста на правата на жената во поглед на нејзиното сопствено тело, нејзината слобода да одлучува за својот живот според сопствените убедувања, и сама да одлучува дали ќе стане мајка: „во тој случај, треба сама да одлучи кога ќе стане мајка“, тврдат овие апологети. Но, да се потсетиме дека дури и од гледна точка на феминизмот допуштена е можноста ембрионот да биде човечко битие, кое исто така има свои права. Меѓутоа, постојат приговори со кои им се дава предимство на правата на жената, затоа што таа е целовита личност, додека ембрионот не е во состојба да ја изрази сопствената волја.

Сметам дека ваквите аргументи се многу сомнителни. Неспорно е дека жената има право да управува со своето тело, и слободно да носи одлуки. Меѓутоа, ембрионот не е дел од женското тело, ниту пак е нејзина сопственост со која таа може да постапува по сопствените убедувања: напротив, ембрионот е посебно човечко битие кое девет месеци се користи со гостопримството на мајчиното тело. Од морална гледна точка, давањето предност на правата на жената во однос на правата на ембрионот е, најблаго речено, произволно.

Правото на живот е основно право, и нему мора да му се даде предност во однос на сите други права: доколку тоа не се сочува на соодветен начин, ќе уследи заклучокот дека ни другите немаат право на живот. Како заклучок, исто така мора да приметиме дека бременоста, освен во случај на силување, не настапува ниту неочекувано, ниту без причина, и се објаснува преку изборот кој луѓето го направиле, и за кој носат морална одговорност.

Другиот тип аргументи, кои се користат за морално оправдување на абортусот, се ослонува на негирањето на личносната вредност на ембрионот, од што следи дека се негираат сите признати права. Според овој аргумент, неродениот ембрион, особено во раните развојни фази, не ги поседува критичните особини кои човека го прават човек, како што се самосвест, слобода и логичко размислување, бидејќи во тој стадиум сè уште не е формиран мозокот, како орган преку чие посредство се изразуваат ваквите особини.

Освен тоа, некои научници нè убедуваат дека постоењето на душа во првите животни стадиуми е невозможно, бидејќи телото сè уште не е формирано. Овој аргумент ни најмалку не е убедлив, затоа што ја извртува реалноста. Наведените обележја кај луѓето се развиваат постепено, и тоа токму затоа што се својствени на нивната природа. Вредноста на човекот како личност не смее да зависи од неговата способност за самосвест, логичко размислување и самоизразување во секоја конкретна животна етапа. Доколку навистина е така, тогаш за човекот кој спие, или пак оној кој привремено е лишен од свест исто така нема право на живот.

Во православното богословие, луѓето се сметаат за личности затоа што се створени од Бога, според Неговиот образ (икона) и се движат кон Неговото подобие, кое го подразбира обожувањето преку багодатта. Црковните Отци нагласуваат дека од првиот момент на човечкото постоење, душата е неразделива од телото, и објасуваат дека постепениот развој на телото се одвива паралелно со развојот на душата. Меѓутоа, дури и да го прифатиме гледиштето дека ембрионот не е човек, тогаш самиот факт дека тој ќе биде човек е доволна, според моето мислење, за морално да го втемели правото на ембрионот да стане она, што природата го предодредила да биде.

Оставете коментар

1 Comment on "Биоетика: Абортус"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Спомни Ги Господи во Царството Твое, отврлените чеда Твои кои во утробите на православните мајки неочекувано умреле, поради случајни дејства или тешко пордување, поради некое невнимание или свесно убиени непримајќи Свето Крштевање. Крсти ги Гоподи во морето на Твоето милосрдие и спаси ги со неизмерната блгодат Твоја. Амин!

wpDiscuz