А таа беше вдовица

И се случи потоа да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!” И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: „Момче, тебе ти велам, стани!” Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас.” и „Бог го посети Својот народ.”

Лк. 7, 11-16

…Верата е таа што нè води кон Бога, а Божјата љубов е таа што прави Тој да нè пресретне. Бог никогаш не ги затвора Своите очи за нашето страдање, за нашите најдлабоки потреби. На лично ниво, ние се поистоветуваме со евангелските личности. Еден ден можеби сме стотникот, полни со вера. Следниот, можеби сме вдовицата која го оплакува своето единствено чедо. Друг ден, пак, може да бидеме како овој син, духовно мртви и во очајна потреба за непобараната и незаслужената милост Божја.

+++

Но, има една инаква димензија на оваа евангелска случка, суштински важна, која ни се обраќа на едно сосем поинакво ниво. Отците во иконата на ожалостената вдовица ја гледаат самата Црква. Великиот светител од Британските острови, блажениот Бед, толкувајќи ја оваа случка, вели:

Кажано ни е дека ‘таа беше вдовица’; секоја душа која се сеќава дека е искупена преку смртта на нејзиниот Господ и Жених, исповеда дека Црквата е вдовица.

Свети Амвросиј Милански продолжува во истата мисла, велејќи:

И макар што си сторил смртен грев што не можеш сам да го исплачеш со солзите на твоето покајание, препушти ѝ на мајката Црква да плаче за тебе. Таа е застапничка за сите, како вдовицата од Наин… таа е онаа која страда со духовна жалост, гледајќи како нејзините деца умираат смртно грешејќи….

Ова е прекрасна слика. Нашата мајка, Црквата, од вистинска љубов ги оплакува своите деца. Но, што е Црквата, ако не сме самите ние, собрани како Тело Христово? Свети Амвросиј ја дополнува оваа слика:

Ние сме срцето на Црквата, зашто сме членови на Неговото Тело, Негово месо и Негови коски. Побожните мајки нека плачат, народот нека помогне. И не само народот, туку мноштвото нека се сожали над добриот родител. Веќе на погребот ќе воскресенеш, токму тогаш ќе бидеш ослободен од гревот, а присутните ќе стојат смерно, кога ти ќе започнеш да кажуваш слово на животот.

+++

Ние, – Црквата, – се молиме во вера и љубов едни за други. Ги оплакуваме своите гревови, жалиме за оние околу нас, Господа Го преколнуваме за милост за секој еден од нас. Во вера се молиме, како стотникот. Во жалости и потреби се молиме, како вдовицата. И Бог ни одговара. Ја услишува нашата молитва. Нè подига од духовна смрт, а по телесната смрт, нè избавува од гробот.

Не им верувајте на оние коишто велат дека молитвата е залудна. Никогаш не дозволувајте да ве убедат дека вашата срдечна молитва нема кој да ја чуе. Можеби не секогаш го согледуваме одговорот на нашата молитва. Може дури и да заклучиме дека Бог не ни ги услишува молитвите. Но, бидете уверени, Бог Кој нè љуби секогаш ги услишува нашите молитви. Понекогаш, како блудниот син, луѓето го одложуваат услишувањето на молитвата, но Бог е секогаш спремен да нè сретне и да нè исцели. Тој не ни ветува слава и богатство и вечно здравје и световна среќа и успех. Но, во Неговата љубов, Тој ни ветува мир за нашиот дух и љубов за нашата душа.

voskresnuvanjeto-na-sinot

Исто така, никогаш не дозволувајте да ви велат дека молитвата за упокоените е бесмислена. Луѓето кои тоа го велат, најчесто од небрежност, навистина Го убиваат Господа. Зарем љубовта престанува во гробот? Зар вие не ги љубите вашите драги лица – мајки и татковци, сопрузи и сопруги, синови и ќерки, браќа и сестри, другари и пријатели – само поради тоа што тие преминале од овој живот? Нашата љубов никогаш не престанува, и ако тоа важи за нас, тогаш колку повеќе важи за Бога? Затоа и се молиме, и твориме милостиња, и правиме дела во спомен на оние што преминале, а Бог ни одговара, во сострадание и љубов, на начин на кој не можеме целосно да го разбереме.

Свети Јован Шангајски во една своја беседа усрдно говори за ова:

Ближни и пријатели на упокоените! Правете го она што е потребно за нив, и она што е во вашата можност… помагајте ги бедните во спомен на вашите ближни кои се упокоиле, помагајте ги црквите кадешто се принесуваат молитви за нив. Покажете милост за оние што се упокоиле; ревнувајте за доброто на нивните души. Тој пат нè чека сите нас… Да бидеме милостиви кон упокоените.

+++

Случката со вдовицата од Наин e прекрасна случка. Нè потсетува дека Евангелието, како и самиот христијански живот е совршен и без дамка. Од нас се бара ништо помалку од љубов и вера. Како што вели Евангелистот Јован, Бог е љубов. И Тој ни одговара нам, на Црквата, кога во вера и љубов Го молиме. За нас, за другите. За живите, за упокоените. За сиот свет. Просиме милост и љубов, и секогаш – секогаш – Бог нè услишува. А токму за ова – за верата и љубовта – ќе ни се суди на Судот. За ништо друго. Не за згради, не за бројки, не за видливи успеси. Вера и љубов. Тоа е нашиот живот во Црквата, нашиот живот во Христа.

Приредено од различни извори

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz