30 февруари

Календар „Capture Kenya 2015“, фотографија за месец јули. Автор: Osborne Macharia
Календар „Capture Kenya 2015“, фотографија за месец јули. Автор: Osborne Macharia

Во секој роковник, дневник, календар што некогаш ми паднал в раце и сум го користел, во табелата за месец февруари го допишувам датумот 30 февруари со црвен фломастер. Ако се прашувате дали го допишувам 29-ти, одговорот е потврден во три четвртини од случаите, кога годината не е престапна.

И овој чин нема никаква врска со кошмарот што барем стотина пати го сонував како дете, како стојам во една колиба и еден старец ми подава календар, а јас најпрво со љубопитност ги вртам страниците, за подоцна таа љубопитност да прејде во страв, а да заврши со ужас, ладна пот и срцебиење во моментот кога гледам дека годината забележана во тој календар има 36, наместо 12 месеци.

Или можеби има, не знам. Им оставам на психотерапевтите да ја разгледаат оваа моја епизода на паничен напад.

Како и да е. Зошто ми е толку важен 30 февруари? Дали можеби дека на тој начин, макар привидно, ја исправам неправдата што му е сторена на вториот месец во однос на останатите единаесет, или внесувам рамнотежа онаму каде што таа е жртвувана во име на некаква окована математичка прецизност? Не би рекол. Или, можеби си замислувам дека сум мало боженце, и имам влијание врз времето и вечноста? Да не даде Господ ниту да помислам на тоа! Тогаш, чуму ми е овој излет од онаа страна на рационалноста?

30 февруари за мене е симбол на Судот Христов. Како тоа, нешто непостоечко да е симбол на крајната стварност што нѐ очекува сите нас? Па лесно, така. Размислувањето на човекот за сопствениот крај го доживувам како 29 февруари: некогаш е тука, некогаш не. Почесто недостига, отколку што е присутен во календарот, слично како и во нашите животи. А, 30 февруари – па тоа е веќе лудост! Ретко кој се сеќава, а уште помалку верува во тоа. „Такво нешто не постои, не треси глупости и не ми го троши времето!“ – довикува дамата со напудрена перика и исцртана дамка на десниот образ.

Времето сама си го трошиш решавајќи квизови на фејсбук – луто ѝ одговарам. И зошто да не постои 30 февруари, кога постои 1 март? Не гледаш ли дека тоа што за тебе е, да речеме, 2 август, може за мене да е 33 јули? „Да, но 2 август постои, а 33 јули не – прашај кого сакаш!“.

О, драга моја измислена дамо со бисерна насмевка, ако нешто со сигурност не постои, или барем постои додека јас го дозволувам тоа, си токму ти, затоа што те измислив за расказов да не ми биде досаден. Што се однесува до проблемот со 33 јули и 2 август, не си во право. Времето што тие го бројат и означуваат, постои (но, повторно, не само по себе), а самиот датум – е обичен договор меѓу луѓето. Така е и со смртта, и Судот, и Царството: тие си постојат, но не ни се обележани во календарот. Не е практично. Не се договорени. Нема време за нив.

МЈ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz