259-то писмо, за пилатовото царство

До стариот професор

Жал ви е за старото Римско царство и затоа го обвинувате христијанството за неговата пропаст. Тоа го правеа сите безбожни историчари, но ниту Ранке ниту Нибур не правеа така. Ме чуди како Вие го правите истото иако сте човек од вера. Да не пропаднаше Римското царство, ќе пропаднеше Христијанството. Или Цезар, или Христос. А да паднеше Христијанството ќе останеше идолопоклонството, ќе останеше лагата, ќе останеше волчиот дух на паганскиот Рим. А духот е секогаш она што е главно, духот на еден човек, или народ, или религија, или култура. Духот е она што оживува, но не секој и секаков дух, туку правиот дух, духот Божји. А духот на Римското царство беше тирански, нечовечен и лицемерен. Тоа се покажа преку Пилата, кој Го прогласи Христос за невин, па сепак Го осуди на смрт.

Свети воини

Вие жалите за римската „култура“ а под култура разбирате „убави мермерни кипови, со кои биле украсени улиците и пазарите во Рим“. А зарем не ги жалите милионите човечки битија, кои во гомили биле довлечкани од сите краеви на светот и влечени до изнемоштеност и гладна смрт во вериги меѓу тие кипови? Во тоа е главната разлика меѓу римското и христијанското поимање на вредностите. Незнабожните Римјани ја ценеа културата и државата повеќе од живите човечки битија, а Христијанството ја ценеше и ја цени човечката душа над државите и културите на целиот свет. Бидејќи и културата и државата се за човекот, а не човекот за државата и културата. Луѓето создаваат држави и култури не како последна цел на своите животи, туку како помошно средство за постигнување на духовната и моралната цел.

И во времето на своите најдобри цареви, Рим се одликувал со ретко нечовештво и варварство. Така во времето на Марк Аврелиј, философот, христијаните се мачени исто така жестоко, како и во времето на царевите глупаци. Сакате ли да чуете барем еден од многуте примери на нечовештво под Аврелиј? Христијанскиот маченик Атал, човек со необична племенитост и благост, бил изведен пред Цезаревиот суд затоа што бил христијанин. Судиите најнапред му предложиле да се одрекне од Христа. Кога тој тоа не сакал да го стори, сиот го соблекле и го поставиле на една железна столица. Свети Атал седел мирно, додека телото му горело и ги прекорувал Римјаните велејќи им: „Вие, нас христијаните нè нарекувате варвари, а еве какви варварски дела правите!“

Освен тоа погледнете во вампирскиот римски дух на нашиве дни, во некои европски држави. Па радувајте се, ако воопшто може да и се радува на тиранијата, на огнот, на мачот, на крвта, на безбожништвото, на суетата и на неморалот! Но јас знам, дека Вие како христијанин – и само заради тоа што сте христијанин – не можете да му се радувате на тоа. А кога не го можете тоа, тогаш си противречите себеси, кога жалите за волчешкото Пилатово царство.

Свети Николај Охридски и Жички
Мисионерски писма

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz