25 години од прославувањето на св. праведен Јован Кронштатски

Денес се навршуваат 25 години од вбројувањето на светиот праведен Јован Чудотворец од Кронштадт во соборот на светиите. По тој повод, пренесуваме само неколку поуки од благодатната ризница на негови поуки.

+ + +

Често спомнувај си дека злото е во тебе, а не во другите луѓе. Со таквото уверување, кое е потполно вистинито, себеси ќе се сочуваш од многу гревови и страсти. Честопати нашата несреќа е во тоа што своето зло го припишуваме на другите луѓе. Бог е долготрпелив и милостив кон тебе; ти тоа секојдневно го чувствуваш, и тоа повеќепати. Тогаш и ти биди долготрпелив и милосрден кон твоите ближни, на тој начин исполнувајќи го словото на апостолот кој за љубовта првенствено кажува дека е „долготрпелива и добродетелна“ (сп. 1Кор. 13,4). Ти сакаш Господ да те насладува со љубовта; насладувај ги, тогаш, и ти срцата на другите со нежна љубов и срдечно однесување.

+ + +

Настојувај да ја достигнеш детската едноставност во однесувањето со луѓето и во молитвата кон Бога. Едноставноста е највисока добродетел и најголемо човечко достоинство. Бог е совршено едноставен затоа што е совршено духовен, совршено добар. И твојата душа нека не се дели на добро и зло.

+ + +

Иако Бог ги знае нашите потреби, молитвата е неопходна заради очистувањето и просветлувањето на нашата душа. Добро е да се постои на сонце – зашто е топло и светло; така и стоејќи на молитва пред Бога – нашето духовно Сонце – се затоплуваме и просветлуваме.

+ + +

Немој да се штедиш за срдечна молитва, па дури ни тогаш кога целиот ден си го поминал работејќи. Ниту малку немој да ја занемариш светата молитва, туку од срце помоли Му се на Господа, и ќе видиш дека таа е Божјо дело. Штом си започнал со нешто [со молитвата, м.з.], немој да велиш дека немаш сили: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо” (Лк. 9,62).

Свети оче Јоване Чудотворче, моли Го Бога за нас.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz