10 нешта што треба да ги направиме пред крајот на Постот

veliki-post

Останува уште само една седмица од Великиот Пост. Седмицата после оваа е Страсната седмица (започнува на 10 април), седмицата за којашто толку време се подготвувавме, и која целосно ќе биде посветена на споменот на крсниот од до Голготата и Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Постот, како и секогаш незабележливо пролетува, па така, пред да заврши, треба да сопреме и да се оттргнеме од суетната врева која ја цица нашата енергија и го троши нашето време, за да можеме да исполниме барем еден дел од она што го планиравме. Во овие последни денови од Постот треба да се „мобилизираме“.

Еве една кратка листа на нешта кои би требало да ги завршиме во Постот:

1. Да се молиме Господ да ни ги открие нашите гревови, за да се подготвиме за една исцрпна исповед (да не заборавиме да го замолиме духовникот да одвои време за да нè исповеда).

2. Да земеме учество во Преждеосвештените Литургии (во парохиска пракса најчесто се служат во средите и петоците од Постот, иако се служат и во првите три дена од Страсната седмица).

3. Да започнеме да го исполнуваме утринското и вечерното молитвено правило во целост, или барем да бидеме поусрдни во молитвата; или пак, одлучно да се молиме со поголемо внимание.

4. Да причитаме барем едно од евангелијата. За време на Постот, верните се трудат да ги прочитаат сите четири евангелија, но доколку не сме успеале во ова, да се потрудиме да прочитаме барем едно од нив.

5. Да ги завршиме обврските што ни се наталожиле, а толку долго сме ги одолговлекувале, за да можеме слободно да учествуваме на богослужбите во Страсната седмица.

6. Да ги посетиме роднините кои долго време не сме ги посетиле; да ги слушаме со внимание и без брзање.

7. Да исполниме барем едно ветување: да ја прикачиме сликата на ѕидот, да го средиме плакарот, или што и да сме ветувале дека ќе направиме во изминатите неколку седмици, а сме го одложувале.

8. Да ја ограничиме нашата онлајн комуникација: да направиме волев напор, или да инсталираме некаков додаток во прелистувачот што го користиме за да го контролираме времето што го поминуваме на некои портали; да ја минимизираме употребата на социјалните медиуми барем во деновите што ни преостануваат до Велигден.

9. Да побараме прошка и да се смириме со сите оние што сме ги навредиле, сега скоро или поодамна.

10. Да земеме учество во милосрдни дела, без разлика колку и да се мали: да го направиме првиот чекор кон некој кој поминува низ тешко време и кому му е потребна помош.

Протоереј Александар Илијашенко

Оставете коментар

2 Comments on "10 нешта што треба да ги направиме пред крајот на Постот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] 10 нешта што треба да ги направиме пред крајот на Постот […]

[…] 10 нешта што треба да ги направиме пред крајот на Постот […]

wpDiscuz